Кога ќе ги погледнете фотографиите од некој од многуте глечери ширум Исланд, веднаш ќе ви стане јасно зошто еден од најдобрите режисери на денешницата, Кристофер Нолан, се одлучи токму на една од овие локации да го сними неговиот најнов филм „Interstellar“.
Во овој филм кој се смета за еден од најочекуваните за оваа година, главните улоги ги толкуваат актерот Метју Меконахи и Ен Хатавеј.
Додека ги набљудувате пејзажите на исландскиот глечер Свинафелсјокул, и не е така тешко со мислите да залутате некаде надвор од оваа планета.
Чувството на студ и празнина на ова место му дава убавина која не може да се сретне на друго место во светот. Затоа и не е за чудење фактот што Нолан наместо за специјални ефекти, се одлучи „Interstellar“ да го сними токму на ова место.
Прекрасните ледени пејсажи се резултат на суровата природа, односно на острите ветрови и бесните вулкани.
Иако Свинафелсјокул нема баш клучна улога во одвивањето на дејството на филмот, сепак, зазема значајно место на постерот како и во трејлерот за филмот.
Нолан не е првиот режисер кој се одлучи за Исланд како земја во која ќе бидат снимани филмските сцени. Тука се снимени и „Прометеј“, „Игра на престоли“, и уште многу други…