Омилен летен рецепт: Сникерс торта без печење

Во потрага по одличен летен рецепт, се одлучивме за овој, кој нема потреба од печење, делува освежувачки, и има вкус на кој никој нема да може да одолее. Денес ви го прикажуваме рецептот за Сникерс торта. 

Уште на самиот старт комбинацијата од кикирики, чоколада и крем, гарантираа полн погодок проследен со уживање.

Состојки:

– 5 жолчки
– 5 белки
– 5 лажици шеќер
– ½ л. шлаг крема
– 300 г. кикирики со лушпа
– 150 г. чоколадо за готвење
– Малку путер и малку млеко

Поготовка:

1. Жолчките матете ги со миксер се додека не добиете пенлива смеса која ќе ја ставите во сад на пареа и ќе ја мешате 4 минути без прекин. Потоа тргнете ја од пареа и оставете малку да се олади.

2. Во меѓувреме, изматете ја шлаг кремата, исто така изматете ги и белките, па додадете една лажица од шлагот, една лажица шеќер и една лажица од изматените жолчки. Матете со миксерот на најмала брзина. Продолжете со додавањето на состојките, се додека тие не се потрошат и мешајте додека да се соединат. Смесата ставете ја во замрзнувач 10 минути.

3. Во меѓувреме исчистете ги кикириките од лушпата и една третина од нив истолчете ја, а остатокот сомелете го. Чоколадото искршете го на коцки, и ставете го на тивок оган да се растопи. При топењето додадете малку масло и млеко за да добиете вкусна чоколадна глазура.

4. На дното на садот ставете третина од мелените и истолчените кикирики. Преку тој слој додадете ја добиената крема, и преку неа со лажица нанесете тенок слој (третина) од растопената чоколада. Повторно ставете од кремата, па преку неа тенок слој чоколада (најдобро е да ја „прошарате“ со помош на лажица). Продолжете со додавањето на преостанатиот крем, и на крајот посипете ги останатите кикирики и чоколадна глазура.

5. Тортата ставете ја најмалку шест часа во замрзнувач, извадете ја неколку минути пред да ја послужите и уживајте!

- Реклама -