Канадската полиција го обвини Џастин Бибер за напад на возачот на лимузина во Торонто, што се случило во декември минатата година, што е последното во низата на проблеми со кои се соочува младата поп ѕвезда.
Полицијата во Торонто објави дека 19-годишниот Џастин Бибер за време на расправија наводно неколку пати го удрил по задниот дел на главата возачот на лимузината на патот кон хотелот. Возачот потоа ја повикал полицијата, но Бибер го напуштил местото пред нивно пристигање. Инцидентот се случил минатата година, на 30-ти декември, во раните утрински часеви, кога Бибер со уште пет личности влегле во лимузината пред ноќниот клуб.
Пејачот, кој живее во Калифорнија, поради овие обвинувања пред судот во Торонто треба да се појави на 10-ти март.
Пред полициската зграда беше пречекан од голем број новинари и обожаватели, пркосејќи им на температурите од минус десет целзиусови степени.
Џастин Бибер неодамна имаше проблеми и во САД, каде беше уапсен поради пијано возење и учество во улични трки на автомобили, и беше ослободен со кауција од 2.500 долари.