Царинската управа на граничниот премин Блаце вчера запленила околу еден тон марихуана вредна најмалку четири милиони евра.
Ова е досега најголемо количество на наркотични средства запленети во еден случај. Возилото во кое е пронајдена марихуаната било товарено во Косово, а крајна цел бил турскиот пазар.
– По консултација со јавен обвинител, направен е детален преглед на полуприколката, која била товарена во Република Косово со отпадна хартија наменета за Република Турција. При прегледот, со отстранување на неколку бали хартија, во средишниот дел на приколката пронајдени се вкупно 839 пакувања завиткани во проѕирна најлонска фолија со различна тежина. Тие биле наполнети со растителна материја со зеленкаста боја, за која на тестер на дрога се покажа дека се работи за наркотична дрога, марихуана – изјави директорот на Царинската управа Ѓоко Танаскоски.