Не е згрешена фотографијата, ова е формулата за пица.
Математичарите од Универзитетот „Шефилд“ тврдат дека со помош на нивна формула, која вклучува пропорционалност, може да им обезбедат на љубителите на пицата подобар баланс на мастрафот и кората, и со тоа секој залак би бил повкусен.
Докторката Еугенија Ченг вели дека оваа формула ќе им помогне на љубителите на пица, нивната омилена храна да не им загори и да биде доволно печена, пицата да содржи повеќе состојки и по нејзин совет да бидат подобро распоредени.
Ченг вели дека при формирањето на оваа формула е земено предвид колку вкусови луѓето можат да почувствуваат од еден залак. Овој тим научници пресметал дека просечен залак пица со пречник од 28 сантиметри има десет отсто повеќе состојки на врвот отколку просечен залак пица од 35 сантиметри.
Тие исто така дошле до заклучок дека луѓето што прават пица во домашни услови се во опасност да ја расипат вечерата, така што ќе стават премногу состојки на средината на пицата и поради тоа тестото ќе биде „влажно“.
Докторката Ченг објаснува дека големината на пицата е обратнопропорционална со дебелината на кората, па затоа на поголемите пици кората им е потенка. Таа почнала да ја создава оваа формула откако еден синџир ресторани ја ангажирал да утврди поради што нивната пица од 35 сантиметри е повеќе барана од онаа од 28 сантиметри. Се утврдило дека тајната е во тенката и крцкава кора и во балансот на дебелината на тестото и мастрафот.
– Секогаш барам нови начини да ја спојам храната со математиката бидејќи тоа се моите две омилени работи. Секогаш се обидувам да им покажам на луѓето дека математиката е нешто што во голема мера ни го објаснува светот и тврдам дека таа може да го објасни сето она што сега го објаснуваме со тоа што сме имале чувство во стомакот дека нешто ќе се случи – изјавила Ченг.
Иако можеби оваа формула не е нешто особено, луѓето во ресторанот каде што била ангажирана докторката се многу задоволни.
– Сега секоја наша пица, откако ќе се стави прелив, уште еднаш оди на контрола, со цел состојките да бидат подобро распоредени и да се избегнат меури од воздух во тестото, а пицата станува сѐ поидеална – вели менаџерката на ресторанот.