Следниот пат кога ќе ве повика природата, искористете ја можноста попатно да го наполните мобилниот телефон.
Британските истражувачи од Лабораторијата за роботика во Бристол (Bristol Robotics Laboratory), работејќи на заеднички проект на Универзитетот на Западна Англија и Универзитетот во Бристол, направија горивни ќелии (батерии) кои користат бактерии за да ја преработат урината, а при процесот, произведуваат електрична енергија.
Иако уредот произведува доволно моќ за само еден телефонски повик, истражувачите веруваат дека се на добар пат да се создадат многу помоќни ќелии во блиска иднина.
„Убавината на овој извор на гориво е дека ние не се потпираме на непредвидливата природа на ветерот или сонцето. Ние, всушност, користиме отпад за да создадеме енергија”, изјави Јоанис Леропулос, инженер во BRL.
„Еден од ресурсите за кои можеме да бидеме сигурни дека е постојано достапен е нашата сопствена урина”, додава тој.
Бактериите се од ист тип со оние кои се користат во системите за третман на отпадни води, а трошоците за една горивна ќелија се помалку од два долари.
Може ли користењето на урината, во иднина, да обезбеди пониска цена на електричната енергија во земјите во развој?
На тоа се надеваат научниците вклучени во проектот, делумно финансиран од фондацијата Гејтс. Истражувачите веруваат дека истата технологија ќе може да биде инсталирана во тоалетите во домовите, со цел да помогне во напојувањето на електричните светла и некои од помалите домашни апарати.
Глобално, луѓето и добитокот произведуваат 38 билиони литри урина на дневна основа.