Младата канадска актерка Елен Пејџ (26) вчера објави дека е лезбијка, за време на својот говор во Лас Вегас на ЛГБТ конференцијата „Time to THRIVE”.
– Денеска сум тука затоа што сум геј, рече Пејџ, обраќајќи се на младите учесници на конференцијата која има за цел промовирање на здрави животни навики меѓу ЛГБТ популацијата. – И поради тоа што, можеби, можам да променам некои работи. Да им помогнам на другите да имаат полесен живот исполнет со надеж, рече таа.
Таа додаде дека има чувство на лична и општествена одговорност, што е уште една од причините за учество во споменатата конференција, пренесува „Холивуд репортер“.
Според неа, работата во холивудската индустрија е многу напорна бидејќи однапред е одредено како треба да се глуми, што би требало да се облекува и начиот на однесување, но таа настојува да се бори против тоа.
Канаѓанката го привлече вниманието на себе во улогата во филмот „Џуно“, за која беше номинирана за Оскар, Бафта и Златен глобус. Играше и во филмовите „Почеток“ (Inception), како и во блокбастерот „Икс-мен 3: Последно упориште“.