„Перу е златна клупа на која седи просјак“, рекол нобеловецот Марио Варгас Љоса. Една од најегзотичните држави на пленататa се протега на површина од околу милион и трисиа илјади километри квадратни и има околу 30 милиони жители.
Официјален јазик е шпанскиот, а се зборува и квечуа и ајмара, а парична единица е сол. На северот на Перу се наоѓа Амазон, во кој, велат, сѐ уште не стапнала човечка нога. Јужно е Лима, главниот град со околу седум милиони жители. Лима, во која никогаш не врне дожд. Лима, убавица во пустина, настаната поради погрешна проценка на мудрите Инки.
Имено, во 1535 година шпанскиот конквистадор Франциско Писаро со својата војска допловил до денешен Перу според едни верувања од југ, а според други верувања, од север така што неговите војници на раце ги пренеле бродовите преку копно на кое подоцна бил ископан канал – денешниот Панамски канал.
Инките, забележувајќи ја силата на легијата, дошле до заклучок дека во отворена борба не може да ја поразат, па го убедиле Писаро да направи логор на местото на денешна Лима, верувајќи дека нема долго да опстанат во пустински услови. Но, Писаро не само што опстанал туку од војничкиот табор настанала Лима, а тој и неговите наследници победиле и поробиле поголем дел од Инките и нивната цивилизација.
Мачу Пикчу, еден од главните центри на старата цивилизација, е сведок за сѐ што знаеле Инките од областа на астрономијата, архитектурата, медицината…
Угледниот стоматолог Душан Вициќ, по потекло Југословен, кој живее во Лима вели:
„Роден сум во овој град, но еве веќе 70 години не можам да проценам што е поубаво – храната или жените. Тука имаш најразновидно овошје и зеленчук што зрее во текот на целата година, од тоа само 2 000 видови компир. Ако на тоа го додадеме и богатиот свет на Пацификот, добиваме една од трите највкусни кујни во светот“.