Татко ми знае да готви ребра. Овде и сега ви велам дека неговите свински ребра се најодличните во светот. Подготовките за нив почнуваат три или четири дена претходно, кога е запален огнот за решетката во градината.
Тогаш тој оди до месарите и избира внимателно ребра. Темелно ги истражува, за да воспостави совршен сооднос помеѓу лојот и месото во нив. Не повеќе и не помалку од потребното.
Откако го открива вистинскиот избор, тој почнува да ја подготвува единствена мешавина од течни и суви состојки (за жал, тој би дозволил да го споделам рецептот само со член од фамилијата Вокер). Добиената смеса се прелева преку парчињата ребра, покривајќи ги целосно. Така тие остануваат во фрижидер два до три дена. Во тоа време се проверуваат неколку пати, за да бидат тестирани до совршена целина. Кога бев мал, додека времето на подготовка течеше, ние, момчињата, се собиравме и сечевме суви дрвја кои татко ми ги беше донел во градината, на тенки, лесно запаливи суви гранки. (Тој обично собираше мешавина од силно димно дрво и дрво од овошни дрвја, кое според него создаваше поинаква миризба при согорување). Ден пред огнот да биде запален, татко ми избираше едно парче дрво и впиваше дел од него во вода, бидејќи според него така тоа мирисаше при согорувањето поубаво. До овој момент решетката беше прегледана, за да биде готвачот сигурен дека е доволно чиста. Сите инструменти и целиот вид неопходни прибори беа ставени на место. Уште една ноќ и татко ми го палеше „почетниот оган”. Обично го правеше тоа доцна во ноќта, па големите парчиња дрвја гореа до утрото. Во мугрите, на местото на огнот требаше да останат само јаглен и пепел. Татко ми се будеше во раните утрински часови и започнуваше да ги готви ребрата, бавно и трпеливо, се занимаваше со нив со часови. На крајот на денот ребрата се јадеа максимум за еден час. Од време навреме некој од неговите пријатели или сопругот на некоја соседка ја разгласуваа желбата да бидат волонтери и да помогнат со скарата, но веднаш штом овој човек ќе откриеше колку многу напор, посветеност и трпение се бараат, наоѓаше нешто итно, што треба да го заврши. Неколку смели доброволци се обидоа да му покажат на тато ми како може да зготви ребра побрзо и поевтино, но тој цврсто веруваше дека разликите во вкусот на овој начин ќе бидат силно забележителни. Сето ова ме натера да се сетам на Џек Џонс, кој го беше коментирал претходниот мој текст. Тој ме натера да размислам во врска со занаетот да создаваш реклама. Коментарот му беше дека е потребна почит кон креативниот процес во составувањето на рекламата.
Креативноста многу личи на решетката и скарата. За оние кои го консумираат крајниот производ (клиенти на агенциите, корисници,публика), рекламирањето изгледа брзо и лесно. За оние ангажирани со фактичкото изготвување, подготовките почнуваат многу пред реалната потрошувачка и бараат многу повеќе работа и нерви отколку што очекуваат многумина. За да се добијат добри резултати, се потребни време и напор. Да, можеш да најдеш кратенка да ја свршиш побрзо работата, но потоа во многу од случаите рекламите ќе бидат “ок”, а не “одлични”. Ова е точката во која крајна цел е да се создаде бизнис, благодарение на креативната страна на рекламирање. Тогаш кога се наметнува потребата работите да бидат завршени што е можно побрзо се појавува директен конфликт со можноста да биде создадено нешто добро. Не станува збор за изговор дека не се заработени награди или за обид да бидат поедноставени рекламни гревови. Станува збор за создавање на најдобра можна работа со импресивен резултат. Не верувам дека рекламата треба да биде креативна или ефективна – може да биде и двете. Да, клиентите вршат притисок со временските рокови, но и ние се наведнуваме премногу лесно. Не сум будала, ниту наивен. Знам дека бунтот против барањата на клиентите во денешно време е многу болен. И сепак мора да работиме под притисок на времето, за да сме максимално креативни. Луѓето го консумираат она што сме го подготвиле и чувствуваат разлика кога не сме се трудете толку. Останатото не е важно. Едно нешто научив од начинот на кој мојот татко ги подготвуваше уникатните ребра – почитувај го процесот!
Дерек Вокер во AdvertisingAge