После 9 сезони и 9 години прикажување заврши серијата „How I met your mother“ – Како ја запознав мајка ви (воздишка на олеснување).
Бројни фанови на оваа серија речиси и сосема го загубија интересот после 5-тата сезона, кога серијата веќе започна да го губи шмекот, да го повторува хуморот, да навлегува во непотребни драми и да одолговлекува на темата – Која е мајката?!
Ако сте ја пропуштиле серијата сигурно нема да ви раскажуваме што се случувало изминатите 9 години,во кои за волја на вистината имаше и многу забавни и смешни моменти, туку еве ви краток вовед.
Животот на 5 млади луѓе и нивните доживувања, од кои хуморот најмногу го задржува Барни и неговите освојувања на милион жени. Тука е и Тед кој има неколку несреќни врски, а воедно тој е оној кој секоја епизода им ја раскажува на своите деца како вовед во тоа – како ја запознал нивната мајка, која што не се појавува се до последната сезона. Останатите ликови се Лили и Маршал кои се еден од најслатките парови, како и Робин по потекло од Канада, која ќе стане дел од нивната забавна дружина и ќе прерасне во кул лик, што би го посaкал секој во своето друштво.
Следат спојлери, ако сакате да останете изненадени застанете тука…
После девет години емитување, во Америка вчера беше прикажана последната епизода.
Како што и порано погодуваа фановите, мајката на децата на Тед, Трејси Меконел, всушност е мртва. Трејси после сложниот брак и хармоничниот живот со Тед, починала од изненадна болест.
Барни после разводот повторно му се врати на заведувањето на девојки, само за да направи дете со една од нив. За време на породувањето, тој се заљубува во неа, а после тоа гордо позира со нивното бебе.
Маршал и Лили и понатаму се во брак, а Маршал конечно ја добива адвокатската работа за која што отсекогаш мечтаеше.
Ако мислите дека сме престроги со овој коментар, уживајте „КОНЕЧНО заврши“ ќе напишеме и за „Два и пол мажи“ или „Двајцатa мажи и ќерката“ или „ Два и пол мажи без една и пол половина“, или како и да е. 🙂
Многу сезони не треба да бидат по секоја цена, доколку квалитетот паѓа од сезона во сезона. За жал „Како ја запознав мајка ви“ требаше да заврши пред неколку години…Славно!