Какво кафе преферирате? Горко или слатко, силно или слабо, со млеко или пак без? Новите истражувања покажале дека на вкусот на нашето омилено утринско кафе влијае и изборот на шолја од која го пиете овој ароматичен пијалок.
Имено, љубителите на горкото кафе би требало да пијат во бели шолји, а оние кои не го сакаат нежниот и сладок вкус – од проѕирни. До овие резултати дошле истражувачите од магазинот „Flavour“ кои спровеле анкета меѓу голем број „кафепијци“.
На испитаниците им било понудено кафе во бели, проѕирни и сини шолји, а потоа биле замолени да го опишат нивниот вкус. Иако во сите шолји било ставено истото кафе, испитаниците го оцениле она во белата шолја како силно и горко, а во проѕирната како слабо и слатко.
Истражувачите откриле дека боите играат голема улога во перцепцијата за вкус. Смеѓата течност во белата шолја оддава контраст кој на мозокот му испраќа порака дека ќе испие нешто силно и горко. Проѕирната шолја пак, визуелно ја ублажува оваа перцепција.
Сината шолја истражувачите ја нарекле комплементарна боја за кафе, бидејќи истата иако ја истакнува бојата на овој пијалок, сепак навидум ветува слатка текстура.
Истражувачите откриле дека не биле воопшто изненадени од добиените резултати, бидејќи слични истражувања правеле и во минатото со десерти. Имено, тогаш се покажало дека овошните колачи се послатки доколку се послужени на бела, наместо црна чинија.