Уметницата и сопруга на Џон Ленон, Јоко Оно, изјавила дека е полесно да се биде сопруга на политичар одошто да си во брак со некој „Битлс“.
Таа неодамна гостуваше во „BBC“ со цел да го промовира фестивалот Мелтдаун. Навраќајки се на нејзината врска со Ленон, таа на прашањето дали е тешко да се биде сопруга на некој од членовите на „The Beatles“ изјавила: „Да, токму поради тоа и многу ги почитувам и сакам останатите жени на „Битлсите“. Тоа беше најтешка работа. Мислам дека е потешко одошто да се биде во брак со политичар, бидејќи на тоа нема крај.“
На неодамнешниот коментар на Пол Мекартни дека таа не била виновна за распадот на групата, Јоко Оно рекла: „Тоа е навистина убаво од него што го кажал, и веројатно му било потребно да почувствува дека е завршено. Поради тоа не можеше да каже до сега. Ме знае, се знаеме 30-40 години, но не можеше да го каже тоа порано бидејќи на луѓето им се допаѓаше идејата да се бориме како лудаци во боксерски ринг“, додала уметницата.
Јоко Оно наскоро ќе тргне на турнеја низ Британија и Европа, со новиот едукативен автобус на Џон Ленон со цел да се пружи шанса на младите да се обидат во музичките води, видео уметностите, фотографијата, новинарството и мобилните студии.