Џ. Џ. Абрамс го превзема „Војна на ѕвездите“

Успешниот режисер и продуцент Џ. Џ. Абрамс ќе го превземе следниот филм на „Војна на ѕвездите“ кој е во продукција на „Дизни“, пренесува филмскиот портал „The Wrap“.

Истиот извор наведува дека негова најблиска конкуренција бил Бен Афлек, режисерот на филмот „Арго“. Од моментот кога „Дизни“ го купи „Лукасфилм“ и веднаш потоа објави дека ќе започне со работа на нови филмови од серијалот „Војна на ѕвездите“, помеѓу фановите и медиумите започнаа шпекулации и погодувања за тоа на кого ќе му биде доверена оваа престижна работа.

Името на Абрамс секогаш се спомнуваше како најголем фаворит, иако тој самиот во ноември за „Entertainment Weekly“ ги демантираше гласините. Во таа прилика тој воедно го навел првиот филм на „Војна на ѕвездите“ како прв кој на секој начин ги поместил границите кога станува збор за специјални ефекти.

Директорот на „Лукасфилм“, Кетлин Кенеди е човекот кој се одлучи за Абрамс, еден од најуспешните режисери и продуценти во Холивуд, кој е познат како креатор на сериите „Lost“, „Fringe“ и „Alias“ а воедно ги режираше и „Mission: Impossible III“, „Star Trek“ и „Super 8“.

Очигледно е дека понудата била навистина примамлива штом Абрамс не можел да ја одбие, без разлика што тоа значително ќе му ги искомплицира односите со „Paramount“. Тој во моментов забрзано работи на филмот „Ѕвездени патеки во темнина“ кој е во пост-продукција и се очекува да се појави во кино салите на 18 мај.

Портпаролката на „Лукасфилм“, Лин Хејл, одби да ја искоментира веста која деновиве беше објавена од „The Wrap“.

[youtube]http://youtu.be/9gvqpFbRKtQ[/youtube]

- Реклама -