Половина век живот, 40 години телевизиска кариера и 30 години театарска, дефинитивно не е мала работа, па по тој повод, најпознатиот македонски шоумен Игор Џамбазов утре ќе одржи големо мултимедијално шоу во спортскиот комплекс Борис Трајковски.
На концертот ќе се случува всушност рекапитулација на бурниот боемски живот на Игор и потсетувања на неговите најголеми хитови. Тој на сцената ќе биде придружуван од Гуру Харе и бендот чиј костур го сочинуваат музичарите кои свиреа со Тоше Проески. Специјални гости на концертот ќе бидат Калиопи, Тамара Тодевска, Елена Ристеска, Влатко Илиевски, Пере и Франци од групата Нокаут, хорот на Златното Славејче под диригентската палка на маестро Александар Џамбазов, како и неговите колеги актери Сашко Коцев, Тони Михајловски.
Концертот, кој ќе трае околу три часа, е во режија на Бојан Трифуновски и во организација на „Горила продуција“.