Холивудскиот актер Лиам Нисон, освен во филмовите во кои во неколку наврати глумеше херој, имал прилика и во вистинскиот живот да ја покаже својата „херојска способност“.
Сепак, шала на страна, минатата недела, Лиам во Централниот парк во Њујорк, навистина херојски спасил едно напуштено куче кое било каменувано и малтретирано од неколку хулигани.
Додека џогирал едно утро во Централниот парк, како што прави секое утро, и голем број на жители на Њујорк, неговото внимание му го привлекло една жена која викала по група тинејџери кои фрлале камења кон немоќното куче. Кучето веќе видно било повредено и болно цвикало од здобиените повреди. Одеднаш скршнал од својот пат и се стрчал кон силеџиите и застанал пред нив додека ги држеле камењата во раце.
„Ја кренал најблиската корпа за ѓубре во воздух, се упатил кон нив и почнал да вика на нив, дека ако не прекинат ќе ги истепа“, изјавил еден од сведоците на овој инцидент. На почетокот, еден од насилниците го предупредил Нисон да се тргне дека и него ќе ги маваат со камења, но актерот уште повеќе се налутил и уште пожестоко им вратил на заканите и пцовките. Конечно, насилниците попуштиле и се повлекле, на кое Нисон само гордо се насмевнал, веројатно импресиониран од својот гест кој ги натерал да се повлечат.
Во исто време дошол и еден полицаец, кој почнал да ги брка силеџиите, што веројатно било вистинската причина зошто тие побегнале. Лиам потоа се упатил ко кучето и почнал да го милува, а полицаецот потоа се погрижил за напуштеното куче.