Книга: 1Q84 од Харуки Мураками

Јапонскиот писател Харуки Мураками веќе подолго време е еден од најчитаните и најзборувани автори на светската книжевна сцена. Оваа недела ви го претставуваме првиот од трите дела од неговиот последен роман, 1Q84, што неодамна на македонски го објави Издавачкиот центар ТРИ, и повторно ќе наградиме тројца верни читатели со по еден бесплатен примерок.

Во јапонскиот јазик, буквата Q и бројката 9 се изговараат исто. Кога 1Q84 ќе се изговори на јапонски, се добива 1984, што е директна алузија на романот на Џорџ Орвел кој, на овие страници, повеќепати се споменува и се цитира.

Читателот, заедно со главните личности, плови помеѓу 1984 година и паралелно време во годината 1Q84. Првиот том од овој капитален роман го покрива периодот од април до јуни и ние, низ поглавјата што наизменично се менуваат, ги следиме приказните на двајцата главни херои –Тенго и Аомаме. Таа е инструкторка за боречки вештини, членка на мистериозна организација што спроведува правда убивајќи насилници…

Тенго е професор по математика во едно подготвително училиште, типичен муракамиевски машки лик-пасивен, без иницијатива, талентиран без да се реализира, едноставно кажано – тој е „дел од сложувалката што никаде не се вклопува“. Во поглавјата што се преплетуваат, среќаваме надреални елементи карактеристични за сите дела на Мураками, но и важни теми од модерниот свет-политички злосторства, толкување на историјата, религиозен фанатизам, слобода. Мураками успева да изгради дело на границата помеѓу лагата и вистината, помеѓу реалноста и фикцијата.

Повеќе информации за книгата ќе најдете на веб-страницата на Издавачкиот центар ТРИ или на Фејсбук страницата „Вљубени во книгата“.


Добитници на „Тајниот јазик на цвеќињата“ се:

1. Клаудио Ходеј
2. Нина Јордевска
3. Александра Филипоска

- Реклама -