Градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев, вчера бил уапсен откако полицијата пресретнала две моторни возила натоварени со кутии со цигари.
Од СВР Струмица соопштиле дека во едното возило имало 29, а во другото 49 кутии со по 50 штеки цигари. Едното возило го управувал токму градоначалникот на Ново Село, додека во другото возел 24-годишниот Г.С., кој е во роднинска врска со Стојчев.
ОЈО Струмица поведе постапка против пет лица за сторено кривично дело Криумчарење од чл.278 ст. 2 во врска со ст. 1 во врска со чл.22 од Кривичниот законик, соопштуваат од таму, откако Министерството за внатрешни работи денеска информираше дека е спроведена акција во која е приведен и градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев.
Се проценува дека вредноста на цигарите кои биле запленети на див премин меѓу Македонија и Бугарија, изнесува 3.245.589 денари. За ова кривично дело е предвидена затворска казна од шест месеци до пет години.