Гласањето за добитниците на филмската награда Оскар заврши синоќа по големата кампања што ја спроведоа филмските студија во Холивуд.
Имињата на добитниците ќе бидат соопштени во недела навечер, а интересно е тоа што оваа година по првпат во 85 години долгата историја на Оскарите гласањето беше организирано по компјутерски пат. Како што соопшти Американската филмска академија имало одредени проблеми и жалби во врска со онлајн гласањето, најчесто од страна на постарите членови на Академијата.
Шест илјади професионалци од филмската индустрија кои се членови на Академијата, беа повикани да гласаат од 8 февруари, за добитниците на Оскарите во 24 категории.
Резултатите ќе бидат пребројани на тајна локација на фирмата „PricewaterhouseCoopers” (PwC) која ќе ги испорача запечатените пликоа со имињата на добитниците на 24 февруари, односно на денот на свечената церемонија.
Филмските студија во изминатите недели ги полнеа медиумите со реклами за што подобра промоција на своите кандидати.
„LA Times“ проценува дека „Warner Bros. Studios“, кое стои зад филмот „Argo“ на Бен Афлек и „The Walt Disney Studios“ кое е дистрибутер на филмот „Lincoln“ потрошиле по околу десет милиони долари за нивните кампањи. Овие два филмови се номинирани, покрај останатите, и во категоријата за најдобар филм.
Овогодишната церемонија ќе се одржува по 85. пат во театарот „Dolby“ во Лос Анџелес.
Најмногу номинации, 12, освои претседателската драма на Стивен Спилберг „Lincoln“. Зад него се „Life of Pi“ на Анг Ли со 11 номинации, потоа „Les Misérables“ и комедијата „Silver Linings Playbook“ по осум номинации и драмата на Афлек „Argo“ со седум номинации.