Велес е град во централна Македонија, а за време на Југославија се викаше Титов Велес и беше познат по производството на порцелан. Денес е познат по производството на лажни вести, пишува Си-ен-ен.
Градот на реката Вардар, којшто со години беше заспан стана популарен по минатогодишните претседателски избори во САД. Десетици млади луѓе преку интернет-страници и блогови пласираа лажни вести за американската публика и заработуваа со кликови. Според Си-ен-ен, овие млади луѓе за кратко успеале да станат милионери.
За Си-ен-ен говорел Велешанец кој се претставил со името Михајло, кој со лажен идентитет на социјалните мрежи ги споделувал вестите со лажна протрамповска содржина, а негова целна група биле американските конзервативци.
„Сè додека луѓето кликаат, не ме интересира што вестите немаат реални факти. На 22 години заработив колку што многу во Македонија не можат да заработат за цел живот“, изјавил тој.
На Си-ен-ен им открил дека некогаш заработувал и по 2.500 долари дневно со помош на сервисот „Адсенс“, односно платформата за рекламирање на „Гугл“. Со секој клик, „капнува“ по некој долар за сопственикот на веб-страницата.
Неговата страница била откриена и блокирана од страна на „Гугл“ и „Фејсбук“, но Михајло не запира тука, тој планира сличен проект за следните избори во САД во 2020 година.
Друг Велешанец, пак, има развиено интернет страница со целна група американска публика, специјализирана за здравје, фитнес, трачеви и автомобилизам. Младите во Велес за брзо време научија како да ги спинуваат постоечките вести и како на истите да соберат многу повеќе кликови од релевантните медиуми.
Трикот е да се создаде вирална и „кликабилна“ приказна, а тајната е во сензационален и скандалозен наслов, примамлива насловна фотографија и соодветно „спинување“ на веќе постоечка сторија.
Велешанецот признал дека пишувал и за Хилари и за Сандерс, но не успеал да заработи толку многу како што успеал со Трамп.