Две години од смртта на Ејми Вајнхаус

Пред точно две години Ејми Вајнхаус прерано го оконча својот бурен живот, и така се придружи на славниот „Клуб 27“.

После нејзината смрт, баш како и за време на нејзиниот живот, следеа бројни контроверзии, афери и медиумски натписи, а нејзиното семејство, на чело со таткото Мич, беа во центарот на вниманието.

За само 16 часа после немилиот настан на 23 јули, кога пејачката беше пронајдена мртва во својот дом во Лондон, беше објавена веста дека наскоро со работа ќе започне Фондацијата Ејми Вајнхаус. Беа најавени постхумани албуми и биографски приказни на оние „кои и беа блиски или добро ја познаваа“. Наскоро бевме преплавени со сите можни информации за деталите од нејзиниот живот и денови пред смртта.

Младата и неверојатно талентирана Ејми, зад себе остави два албуми кои достигнаа огромна слава, а чија продажба постхумно вртоглаво порасна, како и наследство во облик на музички и модни трендови.

Бројни музичари и се благодарни што ја отвори вратата на стариот жанр и на мејнстрим сцената повторно го внесе „духот“ на добрата музика, а нејзините стапки по свој пат ги продолжија големи ѕвезди како Дафи, Адел или Кејт Неш.

- Реклама -