Децата што ги обучуваат за самоубиствени напади

Додека некои деца плачат за најнов таблет, има и такви што минуваат низ тотален пекол.

Морничава приказна доаѓа директно од редовите на “Исламска држава” раскажана од две деца кои успеале да избегаат од кампот за обука на потенцијални камикази.

decaisis

“Насир” е првиот од среќните. Тој успеал да избега од канџите на терористичката организација. Детето има само 12 години, а сега се наоѓа со својата мајка во бегалскиот камп Есуан во Курдистан, каде живеат речиси 15 000 езиди што успеале да се спасат од исламистите. Тој побарал од CNN да не биде прикажано неговото лице и да не биде откриено неговото вистинско име.

Дел од одредот биле 60 деца на возраст од 5 до 12 години.

„Најстрашното време за нас беше кога почна бомбардирањето. Тие нè одведоа под земја, во тунели, за да нè сокријат. Ни беше кажано дека Американците се неверници и дека сакаат да нè убијат“, раскажува момчето.

“Првата задача што ја побараа од нас беше да ги убиваме  неверниците”, дополнува детето кое е претставник на верското малцинство езиди.

Насир вели дека најмалото од момчињата имало само 5 години и ниту едно од децата не било ослободено од исцрпувачката подготовка. Овој камп се наоѓал во една од тврдините на џихадистите – во сириската Рака.

„Забрането ни беше да плачеме, но јас мислев на мојата мајка. Кога повторно ја видов мама, тоа за мене беше ново враќање во животот”, вели момчето.

Другото момче е 11-годишниот Нури, кој бил киднапиран заедно со семејството и однесен во логорот во Тал Афар, северен Ирак. Кога одбил да се приклучи кон другите деца за обука во планините, џихадист му ја скршил ногата на три места.
Кога ногата му зараснала, тој ослабел евидентно. Во “Исламска држава” го сметале за “бескорисен”, но наместо да го застрелаат и овозможиле на баба му да дојде и да си го однесе дома.

Неговиот 5-годишен брат Сама исто бил ослободен од заробеништво. Постојаните тепања силно го трауматизирале, па сега момчето се буди со извици за време на ноќта и страда од епилептични напади. Неговите родители и уште еден од неговите браќа останале во заробеништво.

Минатата недела терористичката организација објави видео во кое прво можело да се види момче како зборува англиски и повикува кон одмазда кон неверниците. Понатаму во видеото биле прикажани деца, меѓу кои такви што треперат од страв. Нивниот “ментор” ги тера да скандираат во хор “Џихад, Џихад!”. Подоцна инструкторот им вели дека “во наредните денови тие ќе бидат на фронтот во борбата против неверниците”.

Азиз Абдула Хадур, командант на единицата курдски бунтовници, раскажува пред телевизијата дека децата кои успеваат да избегаат од таков вид заробеништво и да стигнат до релативно безбедниот Гуер во северен Ирак, се наоѓаат во катастрофална состојба.

„Кога доаѓаат кај нас се толку слаби што едвај личат на луѓе. Ни раскажуваат дека живееле во пеколот“, вели командантот.

Хадур објаснил дека тој и борците понекогаш се принудени да пукаат кон децата испратени од ИД.

„Многу пати, кога се сретнуваме со” Исламска држава “, гледаме деца на предна линија што носат експлозивни елеци. Ние не можеме да знаеме дали тие навистина избегале или се пратени да нè убијат. Кога доаѓаат во нашите линии, такви деца често ги убиваат нашите борци. Одлуката е неверојатно тешка. Не знаете што да правите, бидејќи ако вие не ги убиете, тие ќе ве убијат вас “, признава бунтовникот.

- Реклама -