Фотографијата на која е прикажана девојка облечена во црвен фустан која полицаец од непосредна близина ја прска со солзавец стана симбол на протестите во Турција.
Овој приказ на бруталноста на турската полиција се рашири на социјалните мрежи со неверојатна брзина, а фотографијата почна да се печати на постери и налепници. Како што пренесуваат странските медиуми, фотографијата со „дамата во црвено“ стана мотив за женските демонстранти на насилните антивладини протести во Истанбул.
„Фотографијата ја прикажува суштината на овој протест“, вели студентката Есра од Бешикташ, еден од многуте центри на протестите оваа недела.
Непознат уметник на ѕид во Истанбул насликал жена која е прикажана како поголема од полицаецот, а под делото пишува „Колку повеќе солзавец, толку поголеми стануваме“.
Во Истанбул повеќе од една недела траат протести против најавата на владата за сечење на 600 дрва во паркот Гези каде што властите имаат намера да изградат трговски центар.