Џастин Бибер предизвика јавна осуда откако беше откриен неговиот невкусен коментар во книгата за впечатоци во Куќата на Ана Франк во Амстердам.
19-годишниот канадски пејач кој моментно се наоѓа на турнеја во Европа го посети домот во кој Ана Франк две години се криела со семејството од нацистите во текот на холокаустот.
Бибер ја оставил следнава порака во книгата на впечатоци: „Навистина инспиративно искуство. Ана била сјајно девојче. Се надевам дека би била „белибер“ (како што се нарекуваат фановите на Бибер).
Персоналот на музејот го објави коментарот на Фејсбук страницата на Куќата на Ана Франк по што почнаа лавина негативни коментари поради претенциозниот запис.
Многумина го оценија коментарот на Бибер како „полн со непочитување“, „невкусен“ и „срам за Канаѓаните“.
„Многу се заинтересира за нејзината приказна“, рекле од ПР службата и ја искоментирале пораката на Бибер многу достоинствено: „Тој има 19 години и живее во чуден свет. Пораката не е баш разумна, но немал лоша намера“.