„Не беше лесна одлука“, вели Анџелина Џоли во врска со отстранувањето на двете дојки.
Анџелина Џоли откри дека направила двојна мастектомија иако била здрава откако дознала дека е носител на BRCA1 генот за рак и дека има 87% шанси да заболи од рак на дојка.
Мајката на 37-годишната актерка Маршелин Бертран починала на 57 годишна возраст од рак на јаниците.
Во писмото испратено до „New York Times“, Џоли напишала:
„Докторите проценија дека имам 87% шанси да добијам рак на дојка и 50% шанси за рак на јајниците иако тој ризик е поинаков кај сите жени. Ракот на дојка само кај мал дел е последица на наследена мутација на гени. Тие со BRCA1 во просек имаат 65% шанси да го добијат. Кога дознав дека тоа е мојата реалност решив да направам нешто и да го намалам ризикот така што превентивно ќе ги отстранам дојките. Почнав од градите затоа што тој ризик за рак е поголем од ризикот за рак на јајниците, а и операцијата е посложена. На 27 април завршив со тримесечниот медицински процес што го подразбира мастектомијата. Успеав се да одржам во тајност и да продолжам со работа“.
Операцијата поминала успешно, а докторите вералт дека шансите актерката да заболи од рак се намалени на под 5 отсто.
„Со ова писмо сакам да им порачам на другите жени дека мастектомијата не е лесна, но дека сум среќна што го направив тоа. Моите деца повеќе не мора да се плашат дека ќе ме изгубат поради рак на дојка“.
Анџелина истакнала дека имала голема поддршка од вереникот Бред Пит и од децата.
„Тие само ги гледаат моите лузни и тоа е тоа. За нив сум истата мама. Го направив ова за да бидам што подолго со нив. Среќна сум што имам партнер полн со љубов и поддршка како што е Бред Пит. Секој чија девојка или жена поминува низ ова нека знае дека тој е важен дел од процесот. Бред беше покрај мене секоја минута во текот на операцијата. Успеавме заедно да се смееме. Знаевме дека тоа е вистинската одлука за нашето семејство и дека тоа ќе не зближи уште повеќе“.