Филм што предизвикува сериозен напад на паника

Motovun Film Festival во Загреб, Хрватска помина во знакот на Ромите низ канадскиот документарен филм на Арон Јегер „Народ без број“.

Новинарката Мима Симиќ за tportal.hr го пренесе нејзиното доживување кога го гледала овој филм.

„Не знам дали некогаш сте доживеале напад на паника, но не го препорачувам ниту во фрагментите- мачнина, забрзано и отежнато дишење, болка во градите и забрзано чукање на срцето, потреба да избегате, страв од губење на контролата, слабост, безсознание. Што е моќта на подвижната слика, луѓе мои. Вториот ден на филмскиот фестивал Мотовун го имав мојот прв официјален напад на паника. Среде проекцијата на канадскиот документарец на Арон Јегер „Народ без број“ (A People Uncounted) во еден момент помислив дека ќе се распрскам, дека ќе се разлеам по подот на најмалото кино и ќе исчезнам во пукотините, заедно со целата човечка раса. Од јад, ужас и страв – од минатото и неговото стравично влијание на сегашноста.

За холокаустот знаеме многу, сме читале сведоштва и есеи, сме оделе по музеи, сме гледале филмови, од Реснаис, преку Ланцман до Спилберг, не нужно по тој редослед. И како тогаш можеше да ме изненанди уште еден филм кој зборува за истите настани – низ десетина лични приказни на преживеани – банално, исто, со тупаница во глава, колено во стомак, куршум во тилот. Можеби затоа што за половина милион Роми убиени по логорите низ Европа не се слуша често и не се размислува речиси воопшто – па сопственото незнаење и негрижа за историјата одеднаш во мракот на салата ќе ве зашемети од срам, ќе ве испаничи. Колку историја сме премолчиле и што е уште полошо, колку сегашност сме премолчиле. Колку цивилизирани – европски – делокации, депортации, демагогии? Како да се соочите со дебаклот на човештвото и притоа да не добиете напад на паника? Можам само да му заблагодарам на моето тело, затоа што барем тоа ја зборува вистината“.

Погледнете го трејлерот за „Народ без број“

[youtube]http://youtu.be/e7slCGDaSWY[/youtube]

 

- Реклама -