Не е НЛО тоа што лебди кај крстот на Водно

Вчера на YouTube се појави снимка со наслов “НЛО НА ПИРАМИДАТА КАЈ ВОДНО ЛЕВО ОД КРСТОТ ВО СКОПЈЕ” која  ја зачуди целата македонска јавност!
[youtube]http://youtu.be/gXS78UoPFg8[/youtube]

Оваа снимка денеска е хит на социјалните мрежи и веќе неофицијално го има статусот на вирално видео! Но во суштина нема ништо чудно во оваа неквалитетна снимка. Можеби само за популацијата што не е доволно информирана, ова би било нешто фасцинантно. Пред повеќе од 4 години, кога излезе нов тип на летало во отворена продажба, многу честа појава беше да се симулираат “видео записи од НЛО” низ целиот свет. Најверојатно оваа мода сега пристигнува кај нас!
[youtube]http://youtu.be/ShGl5rQK3ew[/youtube]

Во суштина се работи за квадрикоптер (фото), кој е достапен за купување (во некои земји е потребна дозвола за летање во урбани средини) во сите поголеми трговски центри ширум светот. Минималната цена на овие машинизирани новитети (gadgets) е 50-70 евра и лесно може да се нарачаат преку интернет, додека цената на најусовршените типови на квадрикоптер, во зависност од нивната намена (телевизиско покривање на големи настани, шпионирање, воена намена и тн.) е астрономска. Според многумина аналитичари, квадрикоптерот е иднината на војувањето.
[youtube]http://youtu.be/SNPJMk2fgJU[/youtube]

Почетоците на квадрикоптерот се во 1920 година, кога се согледал потенцијалот и ефектот на контра-ротирачки пропелери. Со вака поставените пропелери се добива ефект на вертикално полетување, како кај најобичниот хеликоптер, кој во последниве декади беше искористен кај неколку видови на воздухопловни воени летала.

Но да се навратиме на “НЛО” феноменот во Скопје. Во неделата вечер (7 јули, 2013), околу 11 часот, на плоштадот Македонија, група на албански туристи беа вистинска атракција подолго време, со квалитетен модел на квадрикоптер со вградена камера. Овој модел кој ги импресионира сите затечени граѓани, ги имаше истите бои на сигнални светла (бела, жолта, црвена и плава) исто како и на горенаведеното видео.

Да сумираме! Неидентификуваниот објект кој само лебди и најизменично ги менува боите, најверојатно е сличен тип на квадрикоптер, како што можеа да го забележат граѓаните на Скопје во неделата, на плоштадот Македонија. Објектот не демонстрира антигравитациско движење, ниту некоја поголема брзина (во суштина само лебди), ниту нешто слично што би можело да го квалификува како неидентификуван летачки објект (НЛО). Поради слабиот квалитет на снимката и покривката на ноќта, се доловува мистичниот момент кој е доста интересен за неупатените и неинформираните.

Фактот дека во насловот се спомнува “Пирамидата на Водно” сугерира, дека можеби се работи за публицитетски трик или нешто слично, за да се придобие вниманието на македонската јавноста. Дали со ова се прекршуваат некои закони, навистина незнаеме! Тоа е сепак во надлежност на институциите на РМ.

Но сепак, и ние неможеме да бидеме 100% сигурни во ова, па ве оставаме сами да заклучите дали е снимката од НЛО или квадрикоптер!

- Реклама -