На затворањето на 66. Филмски фестивал во Кан со чие жири претседаваше Стивен Спилберг доделени беа наградите, а најпрестижната Златна палма за најдобар филм ја доби лезбејската драма „La Vie D’Adele“.
Златната палма ја доби драмата „La Vie D’Adele“ – интимна љубовна приказна меѓу две млади жени во режија на Абделатиф Кешиш, француски режисер од Тунис.
[youtube]http://youtu.be/zIb8Y0uG0o0[/youtube]
Додека експлицитните сексуални сцени го привлекоа вниманието во медиумите, филмските критичари имале само пофални зборови за растењето, созревањето и љубовната врска на двата главни ликови во филмот. Дејството прати лезбејска љубовна приказна, прикажувајќи една 15-годишничка (Адел Ексарчопулос) која се вљубува во постара студентка по уметност (Леа Сејда). Филмот ја доби наградата само два дена по големите демонстрации во Париз против новиот закон со кој Франција стана 14 земја во светот во која е легализиран истополовиот брак.
Гран при доби филмот „Inside Llewyn Davis“ на Џоел и Итан Коен во кој глумат Кери Милиган, Џастин Тимберлејк и Оскар Ајсак. Браќата Коен во 1991 година ја освоија наградата Златна палма за филмот „Barton Fink“, а последен пат учествуваа за трката во 2007 година со „No Country for Old Men“.
Наградата од жирито ја доби филмот „Soshite Chichi Ni Naru“ (Like Father, Like Son) на Корееда Хироказу. Наградата за најдобро сценарио ја доби Џиа Жангке за „Tian Zhu Ding“ (A Touch of Sin) кој понудил шокантен увид во корупцијата и екплоатацијата во Кина, додека најдобар режисер според мислењето на жирито во Кан е Амат Ескаланте за филмот „Heli“.
Најдобра актерка е Беренис Бежо која ја глуми Мари разочараната сопруга во филмот на Ашгар Фархади „Le Passe“ (The Past) додека за најдобар актер е прогласен Брус Дерн за улогата на татко алкохоличар кој верува дека освоил голема награда на лото во филмот „Nebraska“ на Александар Пејн.
Наградата за краток филм ја доби „Safe“ на Мун Бјон Гон. Златна камера доби филмот „Ilo Ilo“ на Антони Чен, а специјална награда од жири освоија „Inside Llewyn Davis“ и „Like Father, Like Son“.
Најголемата филмска смотра беше отворена на 15. мај на француската ривиера со филмот на австралискиот режисер Баз Лурман „The Great Gatsby“. Жирито на фестивалот беше составено од Стивен Спилберг, оскаровецот Анг Ли, Никол Кидман и Кристоф Валц. Филмот „Zulu“ со Орландо Блум и Форест Витакер е прикажан на финалната вечер на фестивалот.