Американскиот режисер Мартин Скорсезе уште од 1991 година размислува за екранизација на романот „Silence“ (Тишина) на јапонскиот писател Шусаку Ендо, а изгледа дека неговиот план конечно ќе се оствари.
Според пишувањата на сајтот „Deadline“ проектот конечно ќе се реализира во 2014 година. Славниот режисер се надева дека за овој филм – чија приказна го следи младиот португалски свештеник кој заминува во Јапонија, земја со поинакви обичаи и религија, да го пронајде својот ментор – ќе успее да ги ангажира Даниел Деј Луис, Бенисио Дел Торо или Гаел Гарсија Бернал.
Романот „Silence“ е објавен во 1966 година и веднаш е означен како ремек дело на светската книжевност.
Скорсезе неодамна заврши со снимањето на „The Wolf of Wall Street“ со легендарниот Леонардо Ди Каприо во главната улога. Инспириран од вистинска приказна, филмот зборува за брокер осуден на четири години затвор поради проневера, перење пари и затајување данок во вредност од 250 милиони долари.