Сергеј Симонов од руската опсерваторија „Пулково“ изјавил дека постои голема шанса во наредните неколку часа во Земјината атмосфера да влезе нов метеор, откако претходниот се распрсна на парчиња и повреди повеќе од 500 луѓе во три руски градови.
Гувернерот на Чељабинск вели дека спасувачките екипи откриле дека метеорот паднал во езеро во близина на градот Чебаркул иако научниците тврдат дека тој се распаднал.
„Метеорот најверојатно имал пречник од еден метар и тежок бил неколку тони. Кога влегол во атмосферата се распрснал на парчиња кои го продолжиле својот пат, создавајќи експлозивен бран и емитувајќи светло. Од таму беа тие блесоци и искршени прозори“, рекол за РИА Новости Валериј Шувалов од Институтот за динамика на геосферата.
Руската Академија на науките проценила дека метеорот бил тежок десет тони пред да влезе во Земјината атмосфера. Russia Today на својот сајт пишува дека војската во меѓувреме пронашла кратер од шест метри.
Олег Малков од Московскиот државен универзитет изјавил дека метеорскиот дожд над Урал нема врска со астероидот 2012DA14 кој вечерва ќе помине на рекордна близина до Земјата.