Приказна од Конго: Дијаманти од пеколот

Во мислите стравуваме од сето она што би можело да се случи. Напнатоста на теренот ја прекинуваа комарците кои веќе одамна престанавме да ги бркаме. Овде сите сакаат да ни ја испијат крвта, па зошто и они да не го добијат својот дел.

Да беа барем само они, се шегуваме и се враќаме на реалната стварност. Не би биле ние првите кои хаосот на оваа џунгла ги проголтал. О, не. Далеку од тоа. Конрад бил во право, таму, во јадрото, нема милост. Само бесконечна бездна. Реката Конго е граница.

„Близу сме“, не бодри Сенго. Веќе со часови го повторува истото, кога и да се исплаши дека ќе се откажеме од потрагата, а воедно и од исплаќањето на неговата услуга. Пеесет долари за него значат барем два месеци храна. Затоа е упорен и постојано ни повторува дека знае каде не носи. Веќе сме далеку од реката. Утврдивме. Нема пари на светот кои се вредни за оваа лудост. Ниту злато. Единствено можеби…

Токму тука, во оваа дупка, некаде во џунглата меѓу градовите Бутембо и Луберто, во демократската република Конго, на местото без име, започна нашата приказна. Под нашите нозе се наоѓа оригиналот. Рудникот на дијаманти. Повеќе крвави, одошто сјајни. Врели од ерупцијата на Нирагонг, блискиот вулкан кој од својата утроба прави под за нозете на овие луѓе.

Седнавме со еден од копачите, Мишел, кој набрзо станал водич на овие отфрлени очајници. Понудена цигара овде претставува најголема награда. Дим кој на момент ќе го растера мирисот на влага. Пријателството го склопивме. Пакт за молчење. За преживувањето на можните последици од оваа необична средба. Успеавме дури да направиме и неколку фотографии. Иако цел ден беше изложен на дожд и кал, „Никон-от“ работеше беспрекорно. Неговиот квалитет и брзина, се наша единствена надеж, оружје, бидејќи без фотографии се би било само – приказна. А ова е место на кое немаш право на грешка. Па дури ни фотографска.

Нашиот рудник или поточно дупката, е една од стотиците во овој дел на Конго. Впрочем, по количината на извадени дијаманти ова е трета земја во светот. По резервите, прва.

Јужноафриканскиот „De Beers“ преку ко-сопствеништвото на една Белгиска компанија, е единствен легален рудник во државата. Сите останати помалку или повеќе, изгледаат вака. Бедно. Под контрола на војници и полицајци што ја тресат оваа ничија земја, која постана ваква уште од падот на диктаторот Мобуту Сесе Сека во 1997 година.

Новата испреплетена судбина на оваа земја, што е испишана со неразумно насилство и страдање, е невозможно да се прераскаже.

Бројните организации, партии, војски, безначајни називи како „народна полиција, патриотски сојузи, соединети фронтови“ одамна немаат политички цели. Трговијата со дијаманти е главен извор на приходи. Од тие пари купуваат оружје и храна. Поради дијамантите продолжува играта која е секојдневие во Конго во последните 14 години, во која беа убиени преку 6 милиони луѓе. Затоа дијамантот во овие краеви е конфликтен и е забрането да се продава низ светот. Во јадот на оваа џунгла, некако на сред разговорот со Мишел, решивме да истражуваме до крај како истиот финкционира. Или поточно, како господарите на војната вешто го заобиколуваат. Мотивацијата не беше тешко да се пронајде.

„Сите ние тука сме никој и ништо. Работиме за два долари на ден. Од утро до мрак. Некои се должни, па на овој начин го враќаат долгот, други пак се робови заглавени во конфликт. Тие радо би побегнале, но не знаат во кој правец да багаат накај дома. Трети, како јас, мораат да го прехранат семејството, па ова е единствената работа која успеале да ја најдат. Војниците кои не чуваат, а во моментов ги нема, тие заработуваат дупло повеќе од нас.

“Кој го контролира ова подрачје, го запрашавме. „Па зарем е тоа важно“, одговори.

Уште неколку цигари, па потоа и цела кутија за копачите, беше доволно да не поведат кон „дупките“ од кои се вадат овие мали каменчиња кои дамите со восхит ги купуваат. Прашав дали ќе може да видам некој примерок, па дури и да го купам. „Не смее, но може.“ Извади камен од фолијата. Карат, до карат ипол. Цена? Низ светот, околу 80 000 евра, тука, пред ценкањето, почетна, 50 евра. Околу 233 пати помалку.

Босот Макамбо е трговец на дијаманти кој живее на 100 километри далечина од градот Бутемба. Тој и неговите колеги ги собираат дијамантите кои им ги носи војската од џунглата. Него не го интересираат имињата на полковниците носачи. Ниту пак сака да знае дали воопшто имаат имиња луѓето кои ги пронашле дијамантите. Го прашав и него дали можам да купам некој камен.

„Па, не би смеело. Знаете, тоа е забрането да се изнесува од Конго.“ Сепак, по извесно време ја понуди цената. Еден карат-250 долари. Пет пати повеќе од предходната.

Иако не бев заинтересиран за „шопинг“, излажав дека сакам да купам повеќе камења. Ме упатија кај „следната рака“. Семејство кое ги средува документите.

Тука, средување на документи очигледно значи човек кој ќе издаде лажна потврда за потеклото на дијамантите.

„Семејството“, или посредувачите, како што и очекував беа помалку расположени за игра. Кај нив не се делат потсетници, а фотографирањето е возможно исто колку и во базата на ЦИА. Причини за тоа-премногу. Вилата во центарот на Бутембо дневно прима голем број на Кинези, Либанци, Руси и Индијци. Нејзините сопственици со години не се знае каде се. Ова се првите милијардери во долари во овој крај. Неговата жена е одговорна за целата работа. Таа е многу внимателна. Иако е жива, долго време никој ја нема видено. Ја нарекуваат „Бизнис мама“. Велат дека е многу дебела. И тоа е се што знаат. Набилданите мајмуни кои работат за неа немаат ниту име и презиме. Исто како што не се знае ниту нејзиното. Одкако еден од нив увиде дека не сум сериозен купувач, ме замоли да си отидам па да дојдам пак кога ќе се врати нивниот шеф од одмор. Значи, никогаш повторно.

Го послушавме, и додека убрзано излегувавме на еден од ѕидовите забележавме рекламен плакат „Дијамантите се вечни“, слоган под кој трговците на драги камења, ги продаваат овие светликави мали камчиња.

Измислената визија за убава бела девојка, која восхитено гледа во своите раце додека свршеникот нежно и го става дијамантскиот прстен, постана традиција во целиот западен свет.

И тешко е да се верува дека таков млад пар, кој стои пред излогот на скапи и ексклузивни продавници со веренички прстени, ќе биде свесен за оние „дупки“ со измачени копачи и смрдлива кал, поради која животот на мештаните во Конго е пеколен. И се додека луѓето овие камења ги сметаат за богатство, работите „таму доле“ ќе останат непроменети. Некаде близу мрачната река на Конго, во џунглата, меѓу маларичните комарци, во срцето на Африка.

[youtube]http://youtu.be/qyDX3OgJsTc[/youtube]

 

- Реклама -