Кичот длабоко вкоренет во македонскиот менталитет

Кич и шунд, зборови кои секојдневно ги слушаме од луѓето кои не опкружуваат, а понекогаш ги кажуваме и ние самите. Поплаки од сите страни за неквалитетот на содржините во се што ни се пласира и кои предизвикуваат гримаси на згрозеност кога и да ги слушнеме.

Но сепак, свесни или не, сите ние самите сме одговорни за се што не опкружува. Колку многу и да сакаме пред светот да оставиме впечаток дека воопшто не не интересираат работи со подпросечни естетски вредности, сепак сите дома, после напорниот ден, се релаксираме со лесни содржини кои на некој начин ни помагаат да ги надминеме секојдневните грижи и проблеми.

Повеќето ќе кажат дека со оглед на тоа што понудата на телевизијата од една страна се состои од индиски и турски серии, а од друга се наоѓаат вестите со непријатни информации од кои само може да ни се уништи расположението, немаме баш избор за да погледнеме нешто квалитетно. Но драги читатели, бидете искрени кон себе. Навистина ли мислите дека доколку сакате нема да можете да пронајдете нешто според вашиот вкус и критериум од 60 и повеќе телевизиски канали (под предпоставка дека речиси сите денес поседуваме кабелска или сателитска телевизија)?

424890_478026372256257_1013436711_n

Со оглед на гледаноста на ТВ новелите (кои преовладуваат на повеќето македонски програми),  не е ниту чудо што се повеќе се застапени за сметка на другите културни или едукативни содржини, или пак некој интересен филм со светска популарност. Немаме намера никого да навредиме, но факт е дека почитуваниот водител Драган Вучич, за кој јавноста со години прави пародии и шеги за начинот на водењето на неговите емисии, е еден од ретките кои успеаја да опстанат толку години на телевизиските екрани. Зарем  не сте се запрашале како е тоа возможно? Одговорот е мошне едноставен. На телевизиските куќи целта им е што поголема гледаност која секако ќе им донесе и поголем профит. Водителот кој го спомнавме погоре многу пати до сега има дури и земено награди за најгледани и најпопуларни емисии. Ова доволно објаснува за интересите на македонската телевизиска публика. Не велиме дека сите уживаат гледајќи ги, но факт е дека се поголем број на млади луѓе од разни причини се поретко гледаат телевизија, а оние кои се нејзини редовни  „конзументи“, несвесно ја креираат нејзината понатамошна програма.

Истото е и со музичката сцена. Колку и да сакаме да ја посочиме економската немоќ како виновник за тоа што не можеме да си дозволиме присуство на концертите на светските музички имиња кои се поретко организаторите ги носат кај нас, сепак, доаѓањето на одредени турбофолк пејачи од соседните земји успеваат да ги преполнат дискотеките и да ги распродадат картите со неверојатна брзина, а понекогаш да наполнат и цел стадион или плоштад. За разлика од нив, љубителите на повреднуваната музика, кои најчесто спаѓаат во најгласната група на „поборници“, очигледно немаат доволно голема волја и љубопитност да ги посетат концертите на многу артисти кои, верувајте, се почести одошто мислите. Сепак, статистиките за разликата во посетеноста го дава и крајниот резултат на целата приказна. Ако турбо-фолк ѕвездите успеваат да наполнат цел стадион, квалитетните музичари кои доаѓаат од далечните странски земји едвај успеваат да ја наполнат и малата сала во Дом на АРМ.

Ситуацијата не е ништо поинаква и во македонските веб-портали. Верувале или не, но најчитани се оние статии кои се за ѕвезди од калибарот на Карлеуша, Кардашијан и Џастин Бибер. Токму поради тоа и вестите за нив се најзастапени. Доколку сакате да читате за наука, технологија, култура и уметност, ќе го направевте тоа. Верувајте, вестите за нив не се ништо помалку бројни, а ќе беа уште повеќе доколку читаноста за нив беше поголема. Мал пример, веста дека починала мачката на Ким Кардашијан ќе е десетоструко повеќе читана од веста за најновите истражувања и сознанија на НАСА. Едноставно самите одлучуваме што ќе ни биде пласирано.

Затоа, драги Македонци, наместо неуморно да се обидуваме да го најдеме виновникот кој секојдневно ги „труе“ нашите мозоци со кич и шунд, треба да размислиме малку подлабоко за целата моментална ситуација. Доколку навистина сакаме нешто да промениме, мораме да тргнеме од себе. Во спротивно, ни останува само да се помириме дека тоа е тоа што го заслужува нашиот македонски менталитет.

- Реклама -