На 3 октомври, пред точно 23 години, беше извршен атентат врз тогашниот претседател на Македонија, Киро Глигоров.
Во нападот загина возачот, еден случаен минувач, а телохранителот и претседателот беа потешко повредени. Уште две лица исто така биле повредени.
Истрагата и до денес е отворена, а се води против непознат сторител. Експертите од оваа област стојат на тоа дека Глигоров имал среќа да преживее, со оглед на тоа што атентатот бил добро организиран.
Нападот беше извршен со автомобил-бомба на 3 октомври 1995 година во 9:50 часот на улицата „Македонија“ пред хотелот „Бристол“ во Скопје кога Глигоров со службено возило се движеше од неговата резиденција на работното место во Собранието на Република Македонија.
Експлозивот бил вграден во возило и бил активиран со далечински управувач. Пред автомобилот на претседателот се движело „фиќо“ поради кое возачот ја намалил брзината точно до местото каде бил паркиран автомобилот со експлозив.
Во истрагата биле претресени 30.850 возила и прегледани повеќе од 15.000 објекти, легитимирани биле повеќе од 188.000 лица, од кои 19.000 биле претресени. МВР извршило и повеќе информативни разговори со луѓе за кои сметало дека се можни сторители на атентатот, но сите тие биле пуштени по испрашувањата.