Владата на Република Македонија упати официјално извинување до Република Австрија поради, како што наведуваат, ненамерниот протоколарен пропуст.
„Пропустот е направен од страна на службите за протокол на Владата на Република Македонија и на Министерството за надворешни работи, а до него дошло поради големата сличност во димензиите и колоритот на знамињата на Австрија и Латвија“, се вели во извинувањето на Владата.
Сепак, ниту ова извинување не спречи Македонија да се најде во ударните вести во медиумите во регионот.
„Курц во Скопје, Македонците ги измешаа знамињата“ е насловот на веста на РТС.
„Блам на Македонците: Го дочекаа Курц со погрешно знаме“, пишува српски Курир.
На социјалните мрежи реагираше и Академијата за протокол сместена во Вашингтон, објаснувајќи ја очигледната разлика помеѓу двете државни знамиња.
„И двете знамиња се со црвено-бела комбинација и тоа: Австриското: трите ленти се со еднаква широчина, а црвената е Империјал Ред, шифра ED2939. Летонското: средната бела лента е потенка, а црвената е Џапаниз Кармине, шифра 9Е3039. Лаички, потемна црвена, или народно, накај бордо. За ова дури и не треба да сте протоколџија, 5 минути поминати на интернет се доволни“ – пишува на профилот на Академијата, пренесе 1ТВ.