Вкупно 80 година затвор им е одредена на седумтемина обвинети во случајот со обидот за убиство на Зијадин Села, од 27 април, датум во поновата историја познат како „крвав четврток“.
Целосната пресуда гласи: „Виновни се бидејќи со умисла се обиделе од живот да го лишат пратеникот Зијадин Села“.
Највисоки казни добиле обвинетите Никола Војминоски и Александар Јаневски – Тошта, кои го извлекле Села од собраниската сала и го однеле до местото каде биле собрани останатите напаѓачи, кои продолжиле да го тепаат оштетениот.
Кире Георгиевски, кој му го задал последниот удар на Села, е осуден на затворска казна во траење од 11 години.
„Од изведените докази се утврди дека обвинетите на 27.04 во критичното време биле во Собранието на Република Македонија, биле во прес-салата, каде се наоѓала затекнатата група на пратеници, меѓу кои и пратеникот Зијадин Села, сега оштетен. Се утврди и тоа дека сите обвинети преземаат инкримирани дејствија кон оштетениот, физички го напаѓаат и удираат по целото тело и главата и го доведуваат во состојба на бесознание, во која не дава знаци на живот, и со тоа се исполнети елементите на битието на кривичното дело убиство“, изјави при соопштувањето на пресудата судијката Славица Андреевска.