Меѓународната организација за заштита на човековите права “Амнести Интернешанaл” ги обвини технолошките гиганти дека не ги вршат потребните проверки, за да ја спречат употребата на детскиот труд при производство на своите производи.
“Амнести” објави извештај за добивањето на кобалт во рудниците на Конго, каде се пријавени за експлоатација на трудот дури 7-годишни деца.
Кобалт е неопходна компонента за производство на литиум-јонски батерии кои се користат од страна на големите брендови за напојување на мобилните телефони и таблети.
Од технолошките компании ги негираа информациите во извештајот и соопштија дека нивната политика е насочена апсолутно против детскиот труд.
Во Демократска Република Конго се наоѓаат 50% од светските резерви на кобалт.
Рударите кои работат во рудниците, каде се добиваат вредните компоненти, докажано е дека страдаат од долготрајни здравствени проблеми и стануваат жртви на фатални инциденти, се тврди во извештајот.
Објавени се податоци за 80 рудари кои умреле во рудниците во периодот помеѓу септември 2014 до декември 2015 година само во јужниот дел на земјата. “Амнести” тврдат и дека разговарале со деца, кои работат за потребите на светските гиганти.
Пол, сирак на 14 години, започнал да копа кога имал едвај 12 години. Неговата приказна е прераскажана во извештајот на “Амнести” и цитирана од BBC.
“Поминував по 24 часа во тунелите. Пристигнував наутро и си заминував следното утро. Мајка ми мислеше дека ме испраќа на училиште, но татко ми не го дозволи тоа. Ме експлоатираше да работам во рудникот “.
Според УНИЦЕФ речиси 40 000 деца работат во рудниците во јужниот дел на Конго.
Американскиот гигант, Apple, го коментира извештајот вака:
“Трудот од малолетни лица, не се толерира никаде во нашиот синџир и горди сме на иновациите кои ги воведовме за да ги засилиме мерките за безбедност. Во моментов спроведуваме тестови на различни материјали, вклучувајќи го и кобалтот, за да ги утврдиме можните ризици за работниците и за природата, како и можностите на Apple за ефективна и одржлива иновативна промена” – додаваат уште од компанијата.
Од Samsung исто така, тврдат дека имаат “нула толеранција” кон користењето на детскиот труд и дека вршат темелна проверка за доставувачите на потребните компоненти.
“Ако се утврди експлоатација на детскиот труд, договорот со фирмата веднаш се суспендира” – соопштија од Samsung.
“Ние работиме со добавувачите и се обидуваме да ги решиме проблемите поврзани со човековите права и условите за работа како на објектите, така и кога станува збор за испораката на минерали и суровини” – коментираа и од Sony.
Извештајот на “Амнести интернешенел” е изготвен со помош на африканската агенција за следење на ресурсите Afrewatch.
Од “Амнести” обвинуваат 16 меѓународни компании, чии што имиња се запишани на списокот на клиентите на производителите на батерии. Овие фирми купуваат материјали од кинеската Huayou Cobalt.
Една од компаниите признава за врската помеѓу кинескиот продавач и потеклото на кобалт, но четири други компании тврдат дека не знаат каде се набавени компонентите.
Пет од прозваните компании негираат дека купувале материјали од кинеската фирма за кобалт, иако имињата стојат во документите на Huayou Cobalt.
Други две фирми изјавуваат пред “Амнести” дека не купуваат кобалт од Демократска Република Конго.
Шест компании тврдат дека во моментов го истражуваат случајот.
„Најголемиот парадокс на дигиталната ера е тоа што од некои од најбогатите и иновативни светски компании кои продаваат префинети технолошки уреди, не се бара извештај со кој ќе покажат од каде доаѓаат суровините за компонентите “- рече гувернерот на Afrewatch, Емануел Умпула.
„Прекршувањата остануваат незабележани, бидејќи потрошувачите немаат поим за условите во рудниците и фабриките. Откривме како трговците купуваат кобалт, без да го поставуваме прашањето за неговата екстракција”.
Еден од истражувачите во “Аменсти”, Марк Дамет, вели дека работата во рудниците е “една од најлошите варијанти за употреба на човечки труд”.
“Гламурозните излози на продавниците и модерните технологии се во остар контраст со децата кои пренесуваат вреќи со камења и рударите во тесните рачно резбани тунели, каде што постои опасноста од постојана белодробна инсуфициенција.
Милиони луѓе уживаат во удобноста на новите технологии, но ретко се прашуваат како истите биле направени.
Крајно време е големите компании да преземат некаква одговорност за екстракција на суровите материјали, кои се користат за правење на најдоходовните производи.
“Компании со профит од 125 милијарди долари не смеат да изјавуваат дека немаат можност да проверуваат од каде доаѓаат минералите што ги користат “- тврди Марк Дамет.
Важно е да се напомене дека поголемиот дел од децата кои се дел од рударската индустрија во Демократска Република Конго, не работат внатре во тунелите.
Тие вршат разновиден труд на површината – пребарување на руда и сортирање на минералите кои се добиени во внатрешноста на рудникот.