Руски рулет е смртоносна игра во која се користи револвер.
Во буренцето на револверот се става еден или повеќе куршуми, потоа тој се врти со раката, па учесниците еден по еден го ставаат револверот на својата слепоочница и пукаат. На прв поглед се чини дека националното потекло на оваа „забава“ не е спорно. Но, рускиот рулет за првпат се споменува во една статија објавена во едно списание во Америка.
Архитект на смртта
Терминот „руски рулет“ за првпат се појавил во 1937 година во истоимената статија на американскиот новинар Џoрџ Сурдез објавена во списанието „Collier’s Weekly“. Статијата била посветена на различни начини на забава со кои членовите на Француската легија на странци ја разбиваат здодевноста во Северна Африка. Сурдез цитира писмо во кое еден германски платеник пишува за својот разговор со еден руски наредник кој во 1917 година се нашол во Романија. „Кога сè околу нив се распаѓаше – демек велел наредникот – на руските офицери им се чинеше дека не само што го губат престижот, парите, семејството и татковината туку и честа пред сојузниците. Затоа некои од нив во различни пригоди – на маса, со кафе или кај пријатели – одненадеж посегале по револверот, ваделе еден куршум од барабанот кој го вртеле, а потоа цевката ја ставале на глава и го повлекувале петлето. Веројатноста дека пиштолот ќе испука и дека на офицерот ќе му го разнесе мозокот била 5 од 6 обиди. Понекогаш имало и среќни исходи“.
В очи паѓа грешка што не се очекува од еден војник: пет од шест куршуми. Имено, во 1917 година руската војска го користела домашниот револвер „Наган“ со седум куршуми во буренцето, а претходно бил користен „Смит-Весон“ со шест куршуми, кој тогаш бил веќе застарен. Доколку податоците од статијата се точни, многу брзо не би ни имало руски офицери. Сепак, главниот проблем е во тоа што не постои никаков доказ, ниту еден документ или мемоарски запис за постоењето на рускиот рулет во руските единици што тогаш се наоѓале во Романија, ниту во руската војска воопшто. Треба да се спомене и фатот дека Сурдез не се ни бунел кога го нарекле „човекот што го измисли рускиот рулет“.
Слично нешто не постоело дури ни во Америка и покрај тамошниот култ кон револверите. Статијата на Сурдез многу им се допаднала на читателите, па затоа таа била препечатувана во скратена верзија. Осум месеци подоцна младиот Американец Томас Маркли се самоубил на овој начин на својот роденден. Ова е првиот познат случај на руски рулет со смртен исход во САД. До денес во Америка се забележани педесетина вакви самоубиства. Во Русија ваква статистика не е направена. Тешко е да се најде статија или податоци на Интернет за вакви самоубиства. Од сето изнесено произлегува дека рускиот рулет е попригодно да се нарече „американски“. Според мислењето на канадскиот истражувач Иван Качановски, на списокот најраспространети стереотипи за земјите од поранешниот Советски Сојуз, рускиот рулет е на второто место, веднаш зад руската мафија.
Редок мотив
Животот и карактерот на офицерите е една од традиционалните теми на руската литература. Доколку рускиот рулет е навистина руски, за писателите тоа би било мошне погоден мотив за прикажување на ексцентричната, предизвикувачката офицерска храброст или порок што треба да биде разобличен. Но, во литературата од пред Октомвриската револуција нешто слично на рускиот рулет се споменува само во романот на Лермонтов „Херојот на нашето време“ во главата „Фаталист“. Дејството се одвива во првата половина на 19 век, кога револверите не ни постоеле. Јунаците на романот имаат пиштоли на кремен, кои рачно се полнеле со барут. Офицерот Вулич, сакајќи да ја предизвика судбината и да провери дали постои фатална предодреденост, пука во себе од пиштол. Иако Лермонтов не наведува дали пиштолот бил или не бил наполнет, се претпоставува дека е полн, зашто виси над креветот на офицерот за секогаш да му биде при рака. Пиштолот изневерува. Дополнителното пукање настрана покажува дека во цевката, сепак, имало куршум.
Од романтичарскиот фатализам преминуваме на осумдесеттите години од минатиот век, кога се појавува расказот „Руру“ на писателот во емиграција Јуз Алешковски. Јунакот во едно оддалечено село пие самогон (јак алкохолен пијалак сличен на вотка, кој се прави во домашни услови), јаде жаби и разговара со двајца селани и со милиционер. Разговараат на различни теми, егзистенцијални и политички. Среде разговорот милиционерот му предлага на еден од селаните да ја изиграат играта Руру, а тоа го прават со среќен исход, по што разговорот продолжува. Не е сосема јасно од каде му е на еден селски милиционер револвер наместо службен пиштол „Макаров“, кој нема буренце. Авторот на овој начин успева низ разговорот на своите пијани јунаци да ја пренесе атмосферата на краен очај.
Овие две сосема различни литературни дела потврдуваат дека рускиот рулет нема никаква врска со руската култура. Да кажеме, кај Александар Грин наоѓаме малку поинаков спој на смртта и случајноста, на таканаречен американски двобој, кој е опишан дури и кај Артур Конан Дојл во неговиот прв роман „Студија во светлоцрвено“. Учесниците во „двобојот“ избираат меѓу две таблети, од кои едната е отровна. Рускиот рулет под овој или под некој друг назив не е познат во Русија. За него не знаеле ниту руските декаденти, па дури ни емигрантите од првиот бран кои навистина биле очајни, а многумина од нив имале и војничко искуство. Кон рускиот рулет не прибегнува дури ни главниот негативец во советската култура, разочараниот белогардејски офицер. Доколку реши да се убие, тој тоа го прави вез театралност и искусување на судбината.
Советски весници или американски филмови?
Рускиот рулет во Русија стана популарна тема во филмовите и во книгите. Во советско време за ова придонесе печатот, кој пишуваше за пороците на Западот, а подоцна и за влијанието на западноевропските и на американските филмови како што е култниот „Ловец на елени“. Ликовите од овој филм се потомци на руски емигранти. Руски рулет играат под принуда, но токму тој им овозможува да избегаат од виетнамското заробеништво. Патем, филмот беше критикуван поради невистинитост, зашто не постоеле никакви докази за каква било тортура во Виетнам. Рускиот рулет се појавува и во други познати филмови, како што е, на пример, „Аризона дрим“ на Емир Кустурица. Во САД се снимени и низа второкласни филмови во кои актерите го вртат буренцето и го повлекуваат петлето. Две највпечатливи сцени со руски рулет во руската кинематографија се во војничката комедија „ДМБ“ и во криминалистичката црна комедија „Мижитатара“, во која главни ликови се едни шармантни криминалци.
Сепак, каде што има чад, има и оган. Иако рускиот рулет никогаш не бил популарен меѓу Русите, очигледно, тие имаат некаква посебна карактерна црта која придонела оваа пеколна игра со револвер да се смета дека е токму руска. Таа не им е припишана ниту на Французите, ниту на Италијанците, па дури ни на Американците, кои толку многу сакаат оружје.
Извор: Руска реч