Ова видео содржи моменти од повеќе филмови на Кјубрик, каде што акцентот е ставен на линеарната перспектива.
Стенли Кјубрик е американски режисер, писател, продуцент и фотограф чии што филмови се сметаат за класици во светската кинематографија. Кјубрик е познат по внимателноста со која ги одбирал темите, бавното темпо на работа, жанровската разновидност, техничкото совршенство, одбивањето да зборува за своите филмови и оддалечувањето од јавниот живот. Тој секогаш имал потполна контрола врз своите филмови и ги правел на свој начин и без временски ограничувања, но и секогаш имал финансиска поддршка од големите филмски студија, што е ретка привилегија.
Филмовите на Кјубрик се карактеристични по формалниот визуелен стил и извонредната композиција на фотографија во која се внимава на најситни детали. Неговите подоцнежни филмови содржат елементи на надреализам и експресионизам, а често и немаат линеарна нарација. Некои ги гледаат филмовите како одраз на опсесивната и перфекционистичка природа на Кјубрик. Една од темите која се повторува во неговите филмови е човековата нехуманост кон човека. Некои критичари велат дека филмовите содржат ироничен песимизам, но други сметаат дека, при внимателно набљудување, филмовите всушност содржат еден вид претпазлив, воздржан оптимизам.
Првиот филм којшто го сврте вниманието кон Кјубрик беше „Патеки на славата“, првиот од трите филмови чија тема е нехуманоста на војната. Многу од неговите филмови беа ладно прифатени на почетокот, а подоцна добија признание дека се ремек-дела кои имале огромно влијание на поновите генерации режисери. „2001: Одисеја во вселената“ се смета за пионерски потфат во кинематографијата, како еден од најреалистичните научни филмови и визуелно иновативни научно-фантастични филмови во историјата на филмот. Кјубрик своеволно го повлече „Пеколен портокал“ од кината во Велика Британија откако го обвинија дека филмот послужил како инспирација за одредени последователни злосторства. Авторите Ентони Бурџис („Пеколен портокал“) и Стивен Кинг („Сјаење“) изјавиле дека не се задоволни од адаптацијата на Кјубрик на нивните романи. Речиси сите филмови на Кјубрик одлично поминале во кино салите, освен „Бери Линдон“ во САД. И покрај бројните номинации за Оскар за најдобро сценарио и режија, Кјубрик беше награден со само еден – за најдобри ефекти во „2001: Одисеја во вселената“.
И покрај тоа што сите филмови на Кјубрик (со исклучок на првите два) се адаптации на романи или раскази, критичарите ги опишуваат како оригинални и визионерски дела. Џејсон Енкени истакнува дека Кјубрик е „еден од најдобрите и највлијателните режисери во повоениот период, со уникатен углед меѓу неговите современици“.
/Википедија, Вимео