Кога Гвинет Палтроу ја крсти својата ќерка Apple (јаболко на англиски јазик), а Ким Кардашијан и го даде на својата ќерка името North West (северозапад на англ.), тоа предизвика медиумски реакции, но ништо повеќе. Во Франција сепак аверзијата кон необичните бебешки имиња се искачи едно ниво повисоко, пишува CNBC.
Судот во градот Валенсиен во Северна Франција им ги уништи соништата на два француски пара да ги крстат децата според имињата на вкусна храна. Првото од двете бебиња било родено на 24 септември минатата година, а неговите родители сакале да го крстат девојчето Нутела, по името на популарниот бренд за течно чоколадо. Второто дете било родено во октомври, а неговите родители го избрале името Fraise, што значи јагода на француски.
И двете имиња сепак се отфрлени од судот, бидејќи „не се во интерес на децата“, пишува француското регионално издание La Voix du Nord. Во однос на Nutella, судот изјави дека „ќе доведе само до шеги или потценувачки однос”, пишува весникот. Бебето Nutella било преименувано во Ella од судијата, откако нејзините родители не се јавиле на судот. Родителите на Fraise пак одбрале традиционално француско име Fraisine.
Според законите во Франција граѓаните можат да ги крштеваат своите деца како сакаат, доколку тоа не им штети на интересите на детето, како што е изборот на име кое може да промовира дискриминација.