Предлог филм: Кога безвременските страсти се раскажани со музиката

Денешниот предлог филм е наменет на љубителите на бавни драми и божествени филмски патувања.

Иконата на американското независно кино Џим Џармуш се насочува кон вампирскиот жанр за зачувување на сите црти на својот неповторлив стил: софистициран и саркастичeн во еднакви дози. Впрочем, да се создаде добар филм на волку исклиширана и во последно време филмски осакатена тема, е ужасно тешка задача, па ако воопшто некој може да вдахне живот на бледа вампирска романса, тогаш тоа е тој. Ликовите на „Само љубовниците останаа живи“ се населени во еден утописки ноќен свет, каков што му доликува на вампирскиот, посветени на својата саможивост. За време на преживеаните векови, тие виделе се, а сега само сакаат да бидат оставени сами и да уживаат во вечните животи.

Главните ликови се Адам и Ева. Адам е рок-ѕвезда, кој потсетува на Дејвид Боуви на изглед, чија единствена желба е да ги одбегнува своите фанови за да компонира и свири инспириран од својата осаменост. Ева е неговата омилена која го остава својот најблизок пријател – Кристофер Марлоу, за да биде со Адам во неговото студио во предградијата на Детроит.

Музиката, како и секогаш кај Џармуш, е важен акцент во филмот. Од Бетовен и неговото чувство за музиката како „највисоко откровение и филозофија”, во егзистенцијалните заклучоци на Ниче – „Без музика животот би бил грешка”, та дури и до Џим Џармуш, кој не само што не го докажува спротивното, туку повторно прави од својата голема љубов, музиката – главен лик…Оnly Lovers Left Alive  е акустичен доказ што треба да се чуе, да се почувствува и да се гледа, додека се слуша.

RZ6A7363.JPG

Но, културните референци тука се многу повеќе изразени. Со самото тоа што живееле толку долго, Адам и Ева се привилегирани со пријателството на личности како Бајрон, Шели, Дарвин, Коперник. Никој од нив не се појавува како херој, но нивните духови ја носат потребната носталгија кон славното минато кое никогаш повеќе нема да се повтори во бесмртните животи на вампирите.

- Реклама -