Животите на другите е германски филм, со оригинален наслов “Das Leben der Anderen (2006)” што повеќето кои го имаат гледано, срдечно ќе ви го препорачаат.
Дејствијата на филмот се одвиваат во 1984 година, Источен Берлин за време на Берлинскиот ѕид.
Во социјалистичка Германија шпионажата била секојдневие, па така секој оној кој што бил сомнителен дека работи против интересите на државата бил прислушкуван и соодветно казнет.
Така, еден агент од тајната полиција, добива задача целодневно и сосема тајно да „навлезе“ од другата страна во животот на еден писател и неговата љубовница – актерка.
Агентот ја озвучува куќата на метата и започнува истрага. Тој запишува буквално сè – од дејствувањата како (отворање подароци), до моментот на сексуален акт.
Одеднаш, самиот агент се наоѓа вовлечен во живеењето на нивната приказна…
Доколку не сте го гледале филмот, а планирате да го гледате, овде престанете со читање.
Агентот открива акција за анонимен бунт од страна на писателот. Тој размислува што да прави со оваа информација, која е нелегална за тоа време, но сепак, решава истата да ја сокрие, не пишувајќи за неа во извештаите. Самиот агент на чуден начин се приврзува се своите жртви и станува нивни заштитник. Ова е една приказна за вистинското херојтсво. Херојство во онаа смисла на помош без очекување на услуга, зашто вистинскиот херој се потпира зад идеалите, а не зад задачата и пофалбата од добро завршената работа, по секоја цена. „Соната за добриот човек“ посветена на HGW XX/7 на крајот од филмот, е најдобриот начин да му се каже „Благодарам“ на некој кој не сака да се пофали со својата добрина, а сепак да му се даде до знаење дека го избрал вистинскиот и праведен пат и поради тоа вечно ќе остане почитуван. Ова „Благодарам“ е едно од оние кои остануваат засекогаш во внатрешноста на кориците и сите оние кои се запознаени со приказната.
Од своја страна, филмот нуди една интересна перспектива за луѓето кои ги „живеат туѓите животи“. Начинот на кој што тие започнуваат да навлегуваат во детали, да се поистоветуваат, заборавајќи за момент сосема на сопствените. Опседнатоста која се случува и изборите кои сме принудени последователно да ги правиме. Следејќи 24 часа нечии животи неизбежно е да дознаеме некоја тајна. На нас останува како ќе постапиме со неа – ќе ја разоткриеме или ќе ја оставиме да почива онаму каде што последно сме ја пронашле. Доколку веќе го имате гледано овој филм, се надеваме дека ве израдувавме со овој предлог, па можеби ќе си го пуштите повторно.