Како да си направите домашна боза?

Бозата е орентален пијалок, стар повеќе од илјада години. Некогаш на овие простори се послужувал заедно со десертите, но денес тоа претставува вистинска реткост. На многумина овој рецепт им останал како еден од најслатките спомени од детството.

За разлика од нездравите, газирани пијалоци, преполни со шеќери кои денешните генерации ги пијат во огромни количества, бозата е природен и здрав пијалок полн со витамини (ги содржи витамините Б, А и Е).

Рецептот за боза е едноставен, и секако, без никаков проблем може секој да го подготви и во домашни услови.

Состојки:

– 5 л. вода
– 1 кг. шеќер
– 600 г. непрочистено пченично брашно
– 30 г. квасец

P1040050

Подготовка:

Брашното прелијте го со топла вода и оставете го да отстои еден ден. Утредента варете го околу два часа со повремено мешање. Откако ќе се излади додадете го квасецот, и тоа така што претходно ќе го разматите во малку вода и ќе го оставите да набабри. Промешајте и оставете да преноќи.

Следниот ден исцедете ја смесата и додадете го шеќерот. Добро измешајте додека шеќерот не се стопи.

Поради релативно големиот удел на квасецот, бозата не може долго да го задржи слаткиот вкус, бидејќи доаѓа до вриење и претворање на мешавината на квасец со шеќер во алкохол, поради што го губи својот вкус. Затоа, задолжително треба бозата да ја чувате во фрижидер, и да ја потрошите во релативно кус период.

Уживајте!

- Реклама -