Милиони луѓе во светот умеат да говорат неколку јазици. Сме слушнале, а можеби дури и познаваме луѓе кои што владеат 10, 15 јазици … но до каде стигнуваат човечките можности во овој поглед?
Мајкл Ерард го поминал светот во потрага по хиперполиглоти – луѓе кои што изучуваат и владеат голем број јазици, ги проучувал тајните на нивниот успех и објаснува зошто е толку тешко да се одреди точен број за познавањето на јазици.
Меѓу луѓето, за кои што тој раскажува во книгата „Babel No More”, се:
Греам Кенсдејл – професионален преведувач на 14 јазици на Европската комисија во Брисел.
Като Ломб – еден од првите симултани преведувачи во светот, владее 16 јазици.
Александар Аргуелес – тој одбива да именува број – „Ако некој ви каже колку јазици зборува, не му верувајте”. Проучувал повеќе од 60 јазици, посветувајќи по девет часа на ден за интензивна подготовка.
Кен Хејл – прочуениот лингвист од МИТ тврди дека од 50-те јазици кои ги користи „зборува” вистински само три. Според него да зборуваш еден јазик значи да ги познаваш сите културни особености поврзани со него. К
Кардиналот Џузепе Мецофанти – се тврди дека зборувал меѓу 40 и 60 јазици. Во неговата биографија се распределени вака: 14, кои што ги проучувал, но не ги користел, 11, на кои можел да води разговор, 9, кои ги зборувал не сосема идеално, но со совршен акцент и 30 (!), што ги владеел до совршенство . Приказните за јазичните вештини на Мецофанти се толку неверојатни , што можеби се само легенди.
Научниците со кои Ерард разговарал, тврдат дека теоретски нема ограничување на бројот на јазици кои што може да ги научи еден човек. Единственото ограничување е времето. Сепак повеќето хиперполиглоти не сакаат да си припишуваат голем број јазици – макар и да изучувале десетици.