Се сеќава ли некој на деновите кога децата го поминуваа своето слободно време на улица, возејќи велосипеди, криејќи се во дворовите и гаражите на соседите, играјќи криенка? Родителите слободно ги пуштаа децата од дома, децата сами одеа на вратата на своите другари за да ги повикаат да си играат или ги викаа под прозорец, организирајќи го самите своето слободно време. Грижата на родителите да не им се случи нешто на децата на опасните улици речиси го уби таквиот начин на игра. Играта денес е планирана и надгледувана од постарите.
Денес на улиците ги гледаме децата речиси исклучиво во придружба на родителите. Освен грижата за безбедноста, тука е и грижата за иднината на децата која сè повеќе ги оптоварува родителите. Од најраните денови веќе се размислува за запишување на факултет и идно вработување. Така децата своето слободно време сè повеќе го поминуваат сериозно тренирајќи фудбал, вежбајќи балет, свирејќи на харфа и учејќи странски јазици од најрана возраст, и тоа заедно со сè поамбициозната програма на задолжителното образование. За учење преку слободна игра и запознавање со просторот на градот во кој живеат токму на неговите улици има сè помалку време. Секако, дел од вината имаат и самите улици, тие денес во целост се препуштени на автомобилите. Но, не треба да се заборави дека улиците го сочинуваат најголемиот дел од отворените јавни површини во нашите градови и како такви имаат голем потенцијал за развој на заедницата како место за средба, дружење и игра. Значи, нивната улога не е исклучиво овозможување урбана мобилност.
До таков заклучок дошле Алис Фергусон и Ејми Роуз од Бристол. Сосетките и мајки на мали деца се потсетиле на слободата во која самите пораснале и за своите деца, како и за сите деца од соседството, организирале три часа игра и дружење на улица која во тоа време била затворена за сообраќај. Настанот бил толку успешен што набрзо потоа се родила иницијативата Playing Out, која сега веќе со години со поддршка на градското собрание се залага за резиденцијални улици во кои е можно играњето и дружењето. Денес во проектот се вклучени околу шеесет лица во Бристол, а идејата полека се шири и низ цела Велика Британија.
Од иницијативата појаснуваат дека слободната игра на улица им донесува на децата повеќе корист од структурираната, организирана игра во простори означени за тоа. Преку играта на улица децата учат за самоорганизација, градат социјални односи со соседите и го запознаваат градскиот простор во кој живеат. Тука има и ризик, но токму самите ризични ситуации им помагаат на децата да научат самостојно да се носат со нив. Ако од тоа некој излезе со изгребани колена или се скара со нерасположениот сосед, искуството е сигурно повредно од можната штета. А од улицата како простор на заедницата профитираат и возрасните. Тука се формира локална заедница, се покренуваат и други иницијативи, а животот во улицата станува поудобен. Безбедноста полека се враќа во градот, бидејќи улиците во кои се одвива живот го одвраќаат криминалот и останатите облици на антисоцијално однесување. Понатаму, од иницијативата објаснуваат дека целта не им е да ги отстранат автомобилите од улиците. Тие само бараат модел во кој улиците рамноправно би ги користеле децата, возрасните, велосипедистите и автомобилите. Playing Out така станува кампања за еднаквост на сите на улиците.
Кога следниот пат ќе го напуштите својот дом и ќе се спуштите на улица, добро разгледајте ја и запрашајте се на кого му припаѓа. Препознавањето на проблемот е прв чекор кон негово решавање. Фантазијата за поинаква улица може и да се оствари. Тоа ни го покажува иницијативата Playing Out од Бристол.