Повеќето Европејци мислеле дека Првата светска војна не може да трае долго. Во 1914 на фронтот доброволно отишле и многу музичари и композитори. Но, многу од нив го оставиле својот живот таму, „за татковината“.
Да се борите храбро за својата земја и можеби да умрете од херојска смрт: таа тема отсекогаш играла значајна улога во многу драмски дела, за безброј музичари во оркестарот на градскиот театар тоа било дел од професионалниот живот. Со патетично патриотски композиции можеле и тоа како да се заработат пари. Сепак, повеќето тогашни музичари не ја почувствувале војната на своја кожа, со оглед на тоа дека од германско-француската војна од 1870-1871 поминале децении.
Со бележник за ноти на фронт
Кога царот Вилхелм II на 1 август 1914 во Берлин објавил општа мобилизација, Рихард Штраус, една од ѕвездите меѓу германските композитори, штотуку го прославил својот 50-ти роденден. Штраус, како и неговиот пет години помлад и популарен сонародник Ханс Пфицнер, биле престари за на фронт. Меѓутоа, нивниот австриски колега Арнолд Шенберг, кој подоцна ќе биде познат пред сè по својата атонална музика, во 1915 во својата 41-ва година примил повик за командно место. По обуката за резервен офцер, од 1917 бил музичар во воен оркестар.
На фронтот баш и немало време за компонирање
Ученикот на Шенберг, Ханс Ајслер, кој е мобилизиран на 18 години, на фронтот понесол тетратки со петтолиние, како и неговиот учител, а веројатно и други композитори. Имал намера за време на паузите да запишува идеи за нови композиции. Со оглед на стравотиите во рововите, креативните мисли станувале сè поретки. Планираниот ораториум на Ајслер „Против војната“ останал само фрагмент.
„Сакам и морам во војна“
Кога Антон Веберн, исто така ученик на Шенберг, по избивањето на војната не добил повик за на фронт, се пријавил сам. Уште во 1914 тој му рекол на Албан Берг: „Морам да одам во војна. Морам. Повеќе не можам да издржам.“ Во текот на војната, Веберн станал пацифист.
И Берг служел зад линијата на фронтот, главно во Министерството за војна во Виена. Сите обиди Арнолд Шенберг да издејствува предвремено пуштање на својот штитеник биле неуспешни.
Како Берг и Веберн, и Морис Равел по избивањето на војната едвај чекал повик за на фронт. Желбата на 40-годишниот француски композитор се исполнила во 1915. Равел служел како возач на камион во близина на Вердун. Гледајќи ги тешко повредените луѓе кои ги транспортирал од фронтот, тој исто така станува одлучен противник на војната.
Композиторот Антон Веберн, кој по секоја цена сакал да оди во војна
„За татковината…“
Слично на Равел, и германскиот музичар на авангардата, Паул Хиндемит ја доживеал војната од прва рака – на фронтот. Повикот го добил во 1917, кога имал 22 години. Бил тапанар. Во Фландрија, Хиндемит на повеќе концерти доживеал воздушни напади. Подоцна забележува: „Крв, изрешетани тела, мозок, глава на еден коњ, здробени коски – страшно!“
Не е познато дали Хиндемит и Руди Штефан се запознале во Франкфурт на Конзерваториум. Штефан бил млад композитор кој многу ветувал, но умрел на 29 септември 1915, на 28 години во борбите во Галиција. Слична судбина ги снашла и младите британски таленти Џорџ Батерворт и Ернест Фарар, и двајцата родени 1885 година. Трагично завршил и животот на францускиот композитор Алберик Манар. На 3 септември 1914, бранејќи го својот имот, пукал во германските војници кои наидувале во голем број. Тие возвратиле и му ја запалиле куќата. Манар настрадал во пожарот.
Повреди и трауми
Но, смртта не е единственото нешто што ги снашло музичарите и композиторите во војната. И тие страдале од долгорочни последици од употреба на нервен гас. Многумина биле ранети и повеќе не можеле да се занимаваат со својата професија. Покрај физичките повреди, многумина биле трауматизирани, животот им станал кошмар. Загубите за оркестрите биле огромни. По војната, им требало долго време за да го надоместат тоа, барем донекаде.