Напредокот на технологијата испрати во историјата голем број апарати, машини и алатки кои беа нераскинлив дел од човечкото секојдневие. И додека едни со голем ентузијазам ги прифаќаат новите гаџети, други не можат да ги преболат старите добри апарати и машини.
Механичката машината за пишување, со својата посебна тактилност и звук, за многумина е незаменлива и не може да се спореди со компјутерската тастатура. Меѓутоа, посебното искуство со механичката машина за пишување повеќе не мора да биде носталгично сеќавање, поради „специјалитетот“ на Брајан Мин (инаку, креатор на видео игри), кој преку Кикстартер се обидува да обезбеди средства за редовно производство на неговата машина за пишување Qwerkywriter.
Оваа машина има 84 округли типки составени од хибриден, комбиниран материјал од метал и пластика, а со помош на специјален USB приклучок може да се поврзе со таблет компјутери или PC.
Додека за некои хардкор носталгичари ова е франкенштајновски обид да се симулира пишувањето на вистинска механичка машина, на други им е доволен сетилниот контакт со Qwerkywriter, макар поврзана на таблет компјутер.