Градот Скопје утре (29 март) од 20:30 часот до 21:30 часот ќе се вклучи во одбележувањето на светски познатото движење „Час на планетата Земја“ со исклучување на уличното осветлување на плоштадот „Македонија“, илуминацијата на Скопската тврдина Кале, Камен мост, Ристиќева палата и објектот „Пелистер“.
На овој ден, во предвидениот период, поддржувачите на ова движење во целиот свет ќе ги исклучат светилките и ќе испратат порака за намалување на користењето на енергетските ресурси и за намалување на климатските промени.
Во текот на „Часот на планетата Земја“ на плоштадот „Македонија“ со запалени свеќи ќе се формира бројот 60+ што означува шеесетминутно штедење на енергетските ресурси и заштита од климатските промени. Во исто време, 150 волонтери и претставници од Црвениот крст, Град Скопје, од невладини организации и ученици ќе се движат со запалени свеќи. Учениците од ЈУУДГС „Здравко Цветковски“ ќе делат рачно изработени пораки за „Часот на планетата Земја“.
Ова планетарно движење е поддржано од организацијата WWF (World Wildlife Fund), се спроведува во 154 држави во светот и е поддржано од светските метрополи меѓу кои и Париз, Лондон, Виена, Сиднеј итн.