Сиромашните семејства се подебели

Членовите на посиромашните семејства почесто имаат проблеми со вишокот на килограми од материјално побогатите, покажуваат резултатите од најновите анализи во Велика Британија.


Резултатите од истражувањето кое пред крајот на минатата година го спроведе Министерството за здравје во Велика Британија покажа дека децата од сиромашните семејства имаат два пати повеќе шанси да се здебелат од нивните врсници од побогатите семејства. Скоро секој четврти единаесетгодишник од сиромашно семејство има проблеми со вишокот килограми, пренесува „Дејли Телеграф“.

Министерката за здравје, Ана Субри, изјавила дека третина од децата го напуштаат основното училиште со вишок килограми. Според неа, најголема кривица за ова ја сносат родителите кои се водат според погрешни принципи за исхраната. Така, тие често купуваат евтини оброци и брза храна, мислејќи дека ова е најекономичен начин да ги заситат децата.

„Освен тоа, традицијата за доручкување пред да одат во училиште е целосно изгубена“, истакнува министерката. „Од друга страна пак вечерата пред телевизорот или компјутерот е обилна, што е лоша навика која треба да се искорени.“

Токму поради ова, тамошното министерство за здравство реши да спроведе едукативни акции со кои семејните домови би ги вратиле навиките за здрава исхрана и манирите за правилно јадење. Покрај тоа, тие ќе упатат и препораки за сите производители кои ќе се однесуваат на смалување на мастите, солта и шеќерот во прехрамбените производи.

- Реклама -