Силјановска-Давкова се соочува со навреди и говор на омраза, рекол Мицкоски на средбата со германскиот пратеник Бајер

Во однос на ситуацијата во која се наоѓа земјава, според партиското соопштение, Мицкоски искажал загриженост посочувајќи на последниот извештај на „Фридом хаус“

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска имал средба со пратеникот во германскиот парламент – Будестаг, Питер Бајер на која се разговарало за претстојните претседателски и парламентарни избори, како и за актуелните состојби во државата.  

Од средбата на Мицкоски со германскиот пратеник во Будестагот, Питер Бајер / Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Инаку, Питер Бајер е пратеникот во Будестагот од редовите на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ во поглед на идеолошките референци. 

Мицкоски на средбата, како што соопштија од центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, го информирал Бајер дека во тек е кампњата за избор на претседател на државата, а дека за два дена почнува и кампањата за парламентарните избори.  

За нивниот кандидат Гордана Силјановска-Давкова, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцирал дека е најсериозен избор за шеф на државата. 

„Силјановска-Давкова е човек со принципи која ќе успее да ја направиме Македонија горда земја како на внатрешен, така и на надворешен план“,

рекол Мицкоски, се наведува во соопштението на партијата. 

На средбата со германскиот парламентарец Мицкоски се осврнал на досегашниот тек на кампањата за првиот круг од претседателските избори. Во оваа насока, Мицкоски рекол дека нивниот кандидат Силјановска-Давкова се соочува со низа навреди и ширење на говор на омраза од страна на актуелниот шеф на државата и кандидат за втора мандат на функцијата, Стево Пендаровски кој е поддржан со СДСМ.  

Во однос на ситуацијата во која се наоѓа земјава, според партиското соопштение, Мицкоски искажал загриженост посочувајќи на последниот извештај на „Фридом хаус“. 

„Мицкоски искажа загриженост за ситуацијата во која се наоѓа Македонија, додавајќи дека најнов шамар за владата на СДСМ и ДУИ е токму извештајот на ‘Фридом хаус’ во кој е нотирано дека Македонија не бележи никаков напредок во борба со корупцијата, како и дека институциите не се во служба на граѓаните“,

рекол лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, информираат од партијата.  

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и пратеникот во германскиот парламент, Питер Бајер / Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Во овој контекст, тој рекол дека поради ваквата лоша состојба во која се наоѓа државата, граѓаните на 24 април (кога е закажан првиот круг од претседателските избори) и 8 мај (датумот на одржување на парламентарните и вториот круг од претседателските избори), ќе изберат промени. 

На средбата со пратеникот на ЦДУ во германскиот парламент, Мицкоски се заблагодари на досегашната соработка и поддршка и изразил надеж дека таа ќе продолжи и во следниот период, информираат од ВМРО-ДПМНЕ. 

- Реклама -