(ВИДЕО) „Алкалоид“ донираше лек – течен „Омепразол“ со кој ќе се помогне во лекувањето на 200 деца

Донацијата на лекот „Омепразол“ во течна форма е наменет за потребите на ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести и ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата – „Козле“ и е во вкупна вредност од речиси 205 илјади евра

Препаратот „Омепразол“ во течна форма – готов за употреба, е наменет пред сѐ за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеална рефлуксна болест (ГЕРБ) кај мали деца кои не можат да голтаат таблети, како и кај возрасни пациенти кои имаат тешкотии со голтањето (пациенти со дисфагија) и неможност за голтање

„Алкалоид“ АД Скопје денеска донираше дел од своите производни количини на „Омепразол“ во течна форма, на ЈЗУ Универзитетската клиника за детски болести и на ЈЗУ Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“, со што значително ќе се олесни пристапот до соодветен третман кај детската популација, или според проценките на здравствените институции, со оваа донација, соодветна терапија ќе добијат околу 200 деца во времетраење од една година.

Препаратот „Омепразол“ во течна форма – готов за употреба, е наменет пред сѐ за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеална рефлуксна болест (ГЕРБ) кај мали деца кои не можат да голтаат таблети, како и кај возрасни пациенти кои имаат тешкотии со голтањето (пациенти со дисфагија) и неможност за голтање (пациенти со поставени сонди за гастрично хранење и/или геријатриски пациенти).

Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов изјави дека грижата за заедницата, особено кога таа е насочена кон најмладите, секогаш ќе остане приоритетен сегмент во компаниското портфолио на Алкалоид, кога станува збор за општествена одговорност.

Живко Мукаетов – Генерален директор и Претседател на УО на „Алкалоид“

„Со оваа донација наменета за децата, како една ранлива возрасна категорија кога станува збор за одредени дигестивни нарушувања, како компанија даваме свој придонес кон олеснување на процесот на нивно лекување и на подобрување на квалитетот на животот на пациентите. Поаѓајќи од нашиот врвен приоритет – Луѓето и Здравјето пред сѐ, на кој се темели компаниската мисија за поздрав живот на секој поединец, „Алкалоид“ со децении помага онаму каде е најпотребно“,

изјави Мукаетов.

Мукаетов вели дека овој лек е гордост на компанијата, бидејќи во компанијата работат млади научиници кои развиваат ваков уникатен производ и кој на светско ниво претставува нешто што е компетитивно. Тој вели дека е многу важно науката да оди напред и важно е во една држава да се развиваат сегментите на развој за да може нешто понатаму да се развие во вистинска насока, што е комплимент за образовниот систем во земјава и покрај бројните притисоци со кој се соочува овој систем во последниот период.

Медицинскиот директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести – Скопје, Валентина Цвејоска-Чолаковска изрази благодарност до компанијата која како што кажа, ја поддржува клиниката со лекувањето на најмладите категории граѓани долги години наназад.

„Сакам да упатам благодарност до менаџментот за нивната долгогодишна работа и изнаоѓање на нови лекови со кои ни овозможуваат да ги лекуваме нашите пациенти со најнова терапија по најнови светски признати протоколи“,

рече Цвејоска-Чолаковска.

Валентина Цвејоска-Чолаковска – Медицински директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести – Скопје

Благодарност упати и докторката Весна Џамбазовска од ЈЗУ Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“, која воедно кажа дека токму овој лек бил повеќе од потребен за најмладата популација, односно доенчињата и малите деца.

„Олеснувањето со овој лек се состои од полесен начин на апликација, полесен начин на дозирање што претставува олеснување не само за пациентите, туку и за родителите и здравствените работници“,

изјави д-р Џамбазовска.

Доктор Весна Џамбазовска – ЈЗУ Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“

Иновативноста на овој нов производ се базира на два посебни раствори содржани во двокоморското пакување, кое при отворањето автоматски ги меша двата раствора и така се добива готовиот течен „Омперазол“ за употреба. Производот има пријатен вкус на лимон и ментол и не содржи шеќер, сорбитол и бои.

- Реклама -