Си разговараше со Шолц, предложи четири принципи за завршување на војната во Украина

Кинескиот претседател нагласи дека сите страни, според моменталната ситуација и со цел да се спречи ширењето на конфликтот, треба заедно да работат на што поскоро враќање на мирот

Кинескиот претседател Си Ѓинпинг денеска изјави дека предложил четири принципи за да се спречи кризата во Украина да излезе од контрола и да се врати мирот што е можно поскоро, пренесува Танјуг, повикувајќи се на кинеската агенција Синхуа.

Тој се сретна со германскиот канцелар Олаф Шолц во Пекинг, каде двајцата лидери разменија мислења за кризата во Украина.

Кинескиот претседател нагласи дека сите страни, според моменталната ситуација и со цел да се спречи ширењето на конфликтот, треба заедно да работат на што поскоро враќање на мирот.

Претседателот на Кина Си Ѓинпинг го пречека германскиот канцелар Олаф Шолц во Источната сала на Големата сала на народот во Пекинг, Кина / Фото: EPA-EFE/KAY NIETFELD / POOL

„Прво, приоритет треба да биде поддршка на мирот и стабилноста, воздржувајќи се од барање себични цели. Второ, треба да ја смириме ситуацијата и да не додаваме масло на огнот. Трето, треба да создадеме услови за враќање на мирот и да се воздржиме од дополнително заострување на тензиите. Четврто, треба да го намалиме негативното влијание врз светската економија и да се воздржиме од поткопување на стабилноста на глобалната индустрија и синџирите на снабдување“,

рече Си.

Ова е втора посета на Шолц на Кина откако стана канцелар во 2021 година.

За време на тридневното патување во Шангај, тој се сретна со претставници на германски компании за да разговараат за проблемите со кои се соочуваат додека водат бизнис во Кина.

Во Кина работат приближно 5 000 германски компании.

Голем дел од нив се жалат на пречките на пазарот и неправедната позиција во однос на кинеската конкуренција.

Со канцеларот во Кина се и претставници на компании како „Мерцедес бенц“ и „Бе-ем-ве“, како и хемиската компанија БАСФ.

- Реклама -